August 14, 2022 20:54
Хроника

Се обучуваат волонтери за заштита на Шар Планина од пожари

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини заедно со директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути ја посети обуката за справување со пожари на отворен простор за просторните сили на Шар Планина, што вчера и денеска се реализира во организација на Јавната установа Национален парк (ЈУНП) Шар Планина со поддршка на Дирекцијата за заштита и спасување и Противпожарната единица од Тетово.

Со обуката се опфатени повеќе од 30 волонтери од граѓанското здружение за унапредување мерки за заштита од пожари „Доброволно пожарникарство” Тетово, а присутни се учесници од сите седум општини на територија на новиот национален парк. Во иднина е планирано во континуитет да се организираат слични обуки и бројот на обучени лица да се зголемува со цел рано дејствување при појава на шумски пожари.

-Оваа обука се одржува во вистинско време, во пресрет на високите температури и опасноста од пожари. Ја поздравувам активноста на Управата на новиот национален парк Шар Планина и ме радува што гледам дека грижата за природното богатство на оваа наша планина предизвика ваков интерес и подготвеност за вклучување во нејзината заштита од волонтери од сите општини што се дел од ова заштитено подрачје-, истакна Нуредини.

Доброволците кои учествуваат на обуката се запознаа со повеќе области од системот за заштита и спасување од пожари како што се права и обврски на институциите во системот за заштита и спасување од пожари со практична употреба на ПП апарати и хидрантската мрежа, прва медицинска помош, мерки за заштита и спасување, евакуација и згрижување на загрозеното население, лична и колективна заштитна опрема, тактика и техники на гаснење на шумски пожари на отворен простор, штети на шумите од пожар и заштита на шумите, како и практичен дел, употреба на гребли, ПП метли, напртњачи, воздушни дувалки и моторни грбни пумпи за вода.
-Локалните жители и љубители на природата да се однесуваат одговорно при посета на националниот парк со оглед на постоечкиот ризик од појава на пожари и фактот дека во моментот во ЈУНП Шар Планина нема иницијатива за рестриктирање на движењето во шума, апелираше директорот на ЈУНП Шар Планина Ибрахим Дехари.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути при посетата предаде десет пара заштитни комбинизони за интервенција на отворен простор од страна на ДЗС за потребите на националниот парк.