June 25, 2022 23:09
Свет

Сенатот ја одобри Бриџит Бринк за американска амбасадорка во Украина

Сенатот на САД едногласно ја одобри дипломатката Бриџит Бринк за амбасадор во Украина, пополнувајќи го критичното место што е празно три години.

Брзата потврда ја истакна желбата на двете страни да испратат амбасадор за поддршка на украинскиот претседател Володимир Зеленски додека тој се соочува со руската инвазија.

Одлуката на Сенатот е донесена истиот ден кога американската амбасада во Киев беше повторно отворена по тримесечното затворање поради руската инвазија на 24 февруари.

Сенатот, исто така, се очекува да одобри речиси 40 милијарди американски долари воена и хуманитарна помош за Киев подоцна оваа недела, финансирање што е веќе изгласано во Претставничкиот дом.

Бриџит Бринк е родена во Мичиген, зборува руски и моментално е амбасадор на САД во Словачка. Таа е дипломат 25 години, работела во Узбекистан и Грузија, како и на неколку високи позиции во Стејт департментот и Советот за национална безбедност на Белата куќа.

Во Киев нема американски амбасадор од мај 2019 година, кога Трамп ненадејно ја отповика тогашната американска амбасадорка во Украина, Мари Јованович.