March 22, 2019 01:42
Македонија

Седумдесетгодишната Авидан 28 години Осми март го прославува на дијализа

Ведра насмеана и полна со живот. Иако три дена неделно поминувана на дијализатор, не изгубила верба во животот. Се смее, и за лекарите и сестрите зборува како да и се дел од семејството. Тоа е Авидан Исмаили, најстарата пациентка на Клиниката за Нефрологија која веќе 28 години Осми март го прославува во Центарот за дијализа на Клиничкиот центар во Скопје.

За 24 инфо вели дека има мала пензија, но се обидува да скрпи крај со крај. Разговорот го правевме само неколку минути откако заврши со петчасовното филтрирање на крвта. Изморена од третманот, но желна за чист воздух и за она што го носи денот раскажува за тоа како е да си зависен од дијализа, долгите часови поминати низ болничките соби и кревети, пријателствата што се случуваат овде, но и малите кавги со „колегите“ како што ги нарекува тетка Авидан.

На сите жени им пожелувам да имаат среќен ден, да се успешни и среќни, денот да го поминат со најблиските, а подароци да добиваат не само за овој ден, туку секогаш- вели Авидан.

Таа е најстарата пациентка која прави дијализа во државава. Доказ за тоа е и дипломата која ја има добидено од здружението „Нефрон“, Здружение на бубрежно болни граѓани.

-Кога не сум овде, сум дома. Половина недела ја поминувам на апарат, половина одмарам. Тешко е многу, посебно часовите пред дијализа. Но не се жалам на ништо, освен на државата. Сестрите и докторите се прекрасни, немам зборови. Работат со тоа што имаат. Но секогаш нема се. Се случува да нема чаршави, па пет часа лежиме на чаршави за една употреба. Не лесно, веќе и годините ме навјасаа, но тоа е тоа, ова ми била судбината- вели Исмаили.

Кога е ден за дијализа утрото и почнува во 5 часот наутро. Веќе во 6 е во такси возило заедно со сопругот кој и е десна рака, а од 6 и 30 почнува со дијализа. Вели дека во текот на животот немала можност да добие бубрег кој би ја одвоил и тргнал од дијализа.

-Порано за ова требаа многу пари. Прво зборувавме за Франција, после за Турција, за Германија. Но или немаше пари или нешто друго излегуваше. Обично бубрези даваа родителите. Но сега веќе е доцна за мене. До крајот на животот ќе се дружам со луѓето овде- вели Исмаили.

Скршен колк, операции, рани од лежење и што уште не. Има мнгу дијагнози, но тоа не ја спречува полека но сигурно, рака под рака со нејзиниот сопруг да чекори низ ходниците на болницата и низ животот.

-Опстојуваме со 15.000 денари со пензијата на сопругот. Нега земам само 3.700 денари и 900 денари за превоз. Но само едно доаѓање и враќање ме чини 200 денари. За лекови месечно давам над 150 евра. Финансиски немаме никаква помош. Дали да јадеш, дали да платиш сметки, дали да купиш лекови- вели Абидан.

На почеток пред 28 години дијализата ја прифатила многу добро. Не чувствувала ништо, после секој третман се враќала на секојдневните обврски. Со солзи во очите се навраќа во времето кога почнувала со третманите и на сите пријатели кои ги стекнала и изгубила овде. Иако веќе има 70 години внимава на себе, на килограмите, на исхраната.

-Здравје пред се и да внимаваат на себе. Ако е здрава и среќна жената, семејството е среќно. Убаво да си поминат денес сите кои го празнуваат празникот, но и тие кои не го празнуваат. Само убавини да ве следат- заврши тетка Авидан.

И посакавме уште многу празници да прослави и уште многу рекорди да сруши. Ја испративме полека но сигурно да чекори низ денот заедно со сопругот и да го прослави со најблиските. До понеделник, а потоа повторно на дијализа.

Валентина Ангеловска  

Нови вести

Спасовски: Ги преземаме сите мерки за фер, мирна и демократска изборна атмосфера

24news

Дуел Заев-Мицкоски во вторник на Канал 5

24news

ВМРО-ДПМНЕ: Пендаровски манипулира со младите во Македонија

Filip