December 1, 2021 16:47
Македонија

Свечено одбележана десетгодишнината од првиот број на македонскиот весник „Илинден”

Во Тирана свечено беше одбележан десетгодшниот јубилеј на македонскиот весник „Илинден”, на кое се обрати главниот и одговорен уредник, Никола Ѓурѓај.

-Одбележуваме значаен јубилеј за македонското население во Република Албанија. Имено, пред точно десет години, на први март 2011 година како двоброј (март/април) беше испечатен првиот број од македонскиот весник „Илинден” како гласило на Македонското друштво „Илинден”- Тирана. Поради пандемијата, одбележувањето на настанот не можеше да се одржи во март, но затоа пак на него потсетуваме денес, рече Ѓурѓај.

Оцени дека во изминатата деценија, весникот предизвикал голем интерес кај „македонската читателска публика во Република Албанија, во татковината Македонија како и меѓу македонската дијаспора во светот”.

-Според бројните дописи кои пристигнуваат на електронската адреса на Редакцијата на весникот „Илинден” како и комуникацијата преку профилите на весникот на социјалните мрежи со читателите, забележуваме дека во десетгодишниот период весникот прерасна во сериозен медиум од чии вести и теми се напојуваат сѐ поголем број на корисници од македонското националнo малцинство во Република Албанија, рече тој.

Македонскиот весник „Илинден” досега има испечатено 47 изданија, а почнувајќи од март 2017 година, покрај печатената верзија весникот може да се следи и преку своето интернет-издание: www.vesnik-ilinden.com

-На тој начин нашиот весник стана достапен за целокупната јавност, како за сите Македонци во Албанија, регионот и цел свет. Исто така, од септември 2017 година, весникот е стандардизиран според меѓународните норми за печатени и електронски периодични списанија со ISSN 2522-6282 (online) и ISSN 2522-4514 (print) и дел од двата најголеми читачи на вести и клиентска датотека во Македонија: grid.mk и daily.mk. посочи Ѓурѓај.

Во исто време весникот е достапен во Националната Библиотка во Тирана, во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” – Скопје, како и во Библотеката на Македонската академија на науките и уметностите.

-Мисијата на нашиот весник беше и останува да го поттикнува и одржува во континуитет македонскиот јазик и идентитет во Република Албанија. Остануваме со вербата дека нашите активности ќе бидат соодветно поддржани од државните институции на Албанија и на Македонија, како и од Македонците ширум светот.Во измнатиот период весникот дава голем придонес во евидентирањето и надминувањето на голем број прашања од интерес на Македонците во Република Албанија и континуирано работи на заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен и културен идентитет и националните традиции на Македонците во Република Албанија. Вредно е да се спомне дека многу од македонските и светските информативни гласила користат податоци објавени во весникот „Илинден”. На тој начин, за многу значајни настани од животот на Македонците во Албанија, се информира пошироката светска јавност, посочи Ѓурѓај.

Од име на редакцијата на весникот „Илинден” тој им се заблагодари на сите свои соработници, кои несебично помогнале во конципирање на тематската и визуелната содржина на весникот, особено за компјутерската обработка на Тримакс – Скопје, како и на печатницата Абази – Тирана.

-Посебно благодарност сакам да упатам до Бил Николов, претседател на Македонското меѓународно движење за човекови права од Канада што овозможува весникот „Илинден” да стане глас на Македонците во Република Албанија. Благодарност секако и до верната читателска публика, која со покажаниот интерес кон содржините што ги понуди весникот „Илинден”, покажа дека со објавуваните информации навистина ја допре сржта на проблемите на Македонците во Албанија. Македонскиот весник “Илинден”денес свчено ја прославува својата десетгодишна работа и постоење, а за неговото значење оставаме повеќе да каже историјата, го заврши своето обраќање уредникот Ѓурѓај.

Свеченоста се одржа во „Реја” павлјон на галеријата „Сепрентине” кој во 2013 година е проектиран од Соу Фујмното, познат јапонски архитект и се наоѓа во ценатрот на Тирана.

На настанот присуствуваше Сашко Ташулов, советник во македонската амбасада во Тирана, Лаурентиу Стинга, шеф на политичката канцеларија на мисијата на ОСБЕ во Тирана, Алексеј Самсонов, советник во руската амбасада, Роберт Гајда, албански комесар за заштита од дискриминација, Сед Казанџиу, заменик претседател на владиниот комитет за национални малцинства, претставници на здрженија на малцинствата во Република Албанија, потоа Илинден Спасе, син на Стерјо Спасе еден од најпознатите албански писатели со македонско потекло, Васил Стерјовски, претседател на македонска партија, МАЕИ, Алтин Тола, амдинистратор на административна единица – Острени, област Голо Брдо, како и претстаници на дрштвото „Илинден” и други гости.