December 3, 2022 10:25
Македонија

Светски ден на контрацепција: На позитивната листа на лекови во земјава и натаму нема ниту еден модерен контрацептив

Само 14 проценти од жените кои се во врска или брак користат контрацепција што проверено штити од непланирана бременост. Во периодот од 2011 до 2018 година се намалува користењето на модерната контрацепција кај нас, вклучително и на оралната контрацепција и на спиралата, а во 2018 година машки кондом користеле само 10 отсто од паровите.

Ова денеска беше истакнато на конференцијата тема „Контрацепција на позитивната листа! Зошто сè уште не сме спремни?”, организирана од ХЕРА, по повод 26 септември – Светски ден на контрацепција.

– И покрај децениските заложби на Владата, во државата ниту едно контрацептивно средство сè уште не е на позитивната листа на лекови што се покриени од Фондот. Преку програмата на Владата се обезбедува орална контрацепција, спирали или кондоми само за ограничен број на жени од социјално ранливи категории, како и за жени со повторливи абортуси, изјави Драгана Каровска-Чемерска, програмска раководителка во ХЕРА.

Каровска-Чемерска вели дека загрижува и тоа што во 2018 година оваа програма покривала околу 150 жени, а во 2022/2021 година бројот на жени е намален на 50.

– За споредба, во младинските центри на ХЕРА каде исто така е достапна бесплатна контрацепција, годишно во просек се обезбедува контрацепција за 500-600 жени, додаде таа.

Според д-р Ана Данева-Маркова финансиските и економските бариери го попречуваат пристапот до контрацепција, особено за младите или лица со пониски приходи и вели дека е потребно државата да обезбеди бесплатна контрацепција или субвенции за одредени категории граѓани.

– Кога станува збор за рангирањето на државата во рамки на Европа, од пет достапни категории на атласот, Северна Македонија се наоѓа во категоријата „слабо”, информираше д-р Данева Маркова и додаде дека пристапот до модерна контрацепција ги намалува мајчината смртност за 25 проценти, а смртноста на новороденчиња за 20 отсто.

Одредени методи на контрацепција, како што посочи таа, ја намалуваат инциденцата на ХИВ и на сексуално преносливите инфекции, а соодветната информираност и употреба на контрацепција спречува непланирани бремености.

Марија Ристевска, извршна директорка на Центарот за истражување и креирање политики и авторка на анализата „Носителите на одлуки се согласни дека кондомите треба да бидат бесплатни и достапни за секого во здравствените установи, а контрацептивните пилули вклучени на позитивната листа на лекови”, вели дека преку користење методи на интервјуа со репрезентативен примерок на пратениците во Собранието дојдено е до сознанија дека пратениците и пратеничките и покрај различните идеолошки ставови, се согласуваат дека контрацепцијата е право на жени и мажите и треба да имаат пристап до современи контрацептивни средства.

– Истражувањето покажа дека помеѓу пратениците и пратеничките, имаме консензус околу тоа да презервативите бидат бесплатни и достапни за секого во здравствените установи. Пилулите исто така треба да бидат ставени на позитивната листа на лекарства, за што исто така има консензус во Собранието, а советувањето, сметаат дека не треба да биде задолжително, туку опционално за сите оние кои ќе побараат совети за планирање на семејство, додаде Ристевска.

Од ХЕРА порачаа дека Влада и сите одговорни институции треба во најкус можен рок да пристапат кон остварување на бројните ветувања што ги имаат дадено како потписници на меѓународни документи, но и на задачите што самите си ги поставиле во рамки на националните стратегии.

Ова, како што велат подразбира отпочнување на процесот на ревидирање на Позитивната листа на лекови заради нејзино проширување со најмалку едно модерно контрацептивно средство, со што би се подобрила универзалната покриеност со здравствена заштита.