January 29, 2023 14:35
Свет

Светските медиуми повикаа на ослободување на Асанж

Водечките медиуми од САД, Велика Британија и Европа повикаа на прекин на судската постапка што се води во САД против основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, со кого соработувале.

Уредниците и издавачите на „Гардијан“, „Њујорк Тајмс“, „Мондо“, „Шпигел“ и „Ел Паис“ во отворено писмо повикаа на ослободување на Џулијан Асанж, пренесува Ројтерс.

„Ова обвинение претставува опасен преседан и се заканува да го поткопа првиот амандман на САД и слободата на печатот“, нагласуваат во писмото и велат дека „објавувањето не е кривично дело“.

Американските власти го бараат Асанж по 18 точки од обвинението, вклучително и шпионажа, објавување доверливи воени досиеја и американски дипломатски телеграми.

Во понеделникот се навршија 12 години откако „Викиликс“ објави повеќе од 250.000 документи, кои Асанж ги добил од поранешната разузнавачка аналитичарка Челзи Менинг.

Според „Викиликс“, документите разоткриле корупција, дипломатски скандали и шпионажа на САД на меѓународно ниво.

Асанж помина седум години во амбасадата на Еквадор во Лондон, пред британската полиција да го уапси во 2019 година поради прекршување на условите за кауција.

Тој е во затвор во Лондон, додека се одлучува за негова екстрадиција.

Доколку биде екстрадиран во САД, му се заканува затворска казна до 175 години.