September 26, 2022 03:09
Свет

Светот се прости со кралицата Елизабета Втора

Во капелата Свети Џорџ во Виндзор попладнево заврши последната јавна богослужба за кралицата Елизабета Втора со која светот се прости со еден од најдолговечните монарси.

– Се собравме да ја довериме во Божјите раце душата на неговиот слуга кралицата Елизабета. Овде, во капелата на Свети Џорџ, каде што таа толку често се поклонуваше. Ја паметиме како некој чија некомплицирана, но длабока христијанска вера даде толку многу плодови, рече деканот на Виндзор Дејвид Конер кој ја водеше богослужбата. Тој ја истакна нејзината добрина, посветеност на работата, беспрекорната служба за нацијата, грижата и охрабрувањето за нејзиното семејство, пријателите и соседите.

– Во екот на брзо променливиот и често проблематичен свет, нејзиното мирно и достоинствено присуство ни ја даде довербата да се соочиме со иднината, како што правеше таа, со храброст и надеж, рече Конер.

Потоа од ковчегот беа отстранети државна круна, топката и жезолот. Предметите му се даваат на деканот од Виндзор и тој ги става на високиот олтар. Овие церемонијални традиции го симболизираат крајот на владеењето на кралицата, додека таа за последен пат се разделува од својата круна.

Ковчегот потоа беше спуштен во кралската гробница, а беа изговорени и сите титули на кралицата.