December 1, 2020 06:38
Балкан

Сведоштва: Луѓето трчаа во паника, улиците се преплавени со мртви риби

Луѓето панично трчаа во турскиот град Измир, изјавија очевидци, откако земјотресот со јачина од седум степени според Рихтеровата скала започна да го тресе градот. Градските населби се натопени со морска вода којашто ги повлече урнатините кон внатрешноста и остави мртви риби по повлекувањето.

Десетици лица загинаа, а над 400 се повредени во земјотресот во Турција. На грчкиот остров Самос, двајца тинејџери, момче и девојка, биле пронајдени мртви во регионот каде се урнал ѕид. Се појавија различни извештаи за урнати згради кои ги заробувале луѓето под урнатините во некои области на Измир, еден од водечките туристички региони во Турција, и за делумна штета на имотот во другите провинции, соопштија турските власти.

Градоначалникот на Измир, Тунц Сојер рече дека дваесеттина згради биле урнати во покраината. Гувернерот на Измир рече дека 70 лица биле спасени од урнатините. Илке Циде, студент по медицина, кој за време на земјотресот беше во регионот Гузелбахче во провинцијата Измир, изјави дека се упатил кон внатрешноста кога водата почнала да расте по земјотресот.

„Навикнат сум на земјотреси, така што на почетокот не го сфатив ова сериозно, но ова беше навистина застрашувачко“, рече тој и додаде дека земјотресот траел најмалку од 25 до 30 секунди, пренесува „Ројтерс“.