August 20, 2022 02:07
Свет

СБ на ОН побара од талибанците да ги укинат ограничувањата за девојките и жените

Советот за безбедност на ОН ги повика властите на авганистанските талибанци веднаш да ги променат ограничувачките политики и практики, со кои им се оневозможува правото на жените и на девојките на образование, вработување и слобода на движење.

„Таквите ограничувања се спротивни на очекувањата на меѓународната заедница и обврските на талибанците кон авганистанскиот народ”, соопшти Советот за безбедност.

Кога талибанците за прв пат управуваа со Авганистан од 1996 до 2001 година, за жените и девојчињата беа воведени строги ограничувања, тие немаа право на образование и учество во јавниот живот.

Откако американските сили ги соборија талибанците од власта по нападите од 11 септември во САД, авганистанските девојки дваесет години се школуваа, многу од нив станаа лекари, адвокати, судии, пратеници и сопственички на бизниси.

Кога талибанците повторно ја презедоа контролата во земјата во август минатата година по повлекувањето на силите на САД и на НАТО од Авганистан, тие ветија поумерена форма на исламско владеење. Ветувањето се однесуваше на правото на жените да продолжат со своето образование и работа надвор од домот и отсуство на строги правила во облекувањето. Последните неколку седмици талибанците повторно воведуваат строги правила на владеење, потврдувајќи ги стравувањата на активистите за човекови права и дополнително комплицирајќи ги односите меѓу властите во земјата со меѓународната заедница. На почетокот на овој месец, талибанците донесоа наредба за целосно покривање на жените во јавноста, како и забрана за излегување од домовите освен во неопходни случаи.

Талибанското раководство исто така им забрани на девојчињата да одат на училиште по шесто одделение, а воведе и наредба со која се бара и од водителките на телевизиите да носат фереџе врз лицето додека се во програма.

Во соопштението од Советот за безбедност, што го поддржаа и Русија и Кина, се бара од талибанците да ги променат воведените одлуки и неодложо да им се дозволи на децата да се вратат на училиште.