October 20, 2020 14:23
Балкан

Самит на Западен Балкан на 10 ноември во Софија

Лидерите на ЕУ и на Западен Балкан ќе се сретнат на 10 ноември на самит во Софија, кога треба да биде усвоен планот за реализација на регионалната економска област.

Самитот во Софија се одржува во рамките на Берлинскиот процес, а со него претседаваат Бугарија и Северна Македонија.

Европската комисија наведува дека во моментов се развива и усогласува визијата за регионалната економска заедница на Западен Балкан и дека ќе биде подготвена за усвојување на самитот во Софија.

„Планот треба да биде структуриран околу четири слободи и конкретни мерки што ќе донесат опипливи придобивки за компаниите и граѓаните во регионот. Овие вклучуваат намалување на прекуграничните банкарски такси, отстранување на техничките бариери за трговија, усогласување на политиките за инвестиции, признавање на професионалните квалификации низ целиот регион, поттикнување на е-трговија и слично”, наведуваат во Комисијата.

Последниот самит во рамките на Берлинскиот процес се одржа во 2018 година во Трст.