February 4, 2023 04:17
Свет

САД планираат да испратат тенкови „Абрамс” во Украина

Весникот „Вол Стрит Џурнал” пишува дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден е се поблиску до одлуката за испраќање на моќните американски тенкови „Абрамс” во Украина, додавајќи дека одлуката би можела да биде соопштена уште неделава.

Белата куќа не сакаше да го коментира написот, но весникот наведува дека „одлуката за испраќање на „Абрамсите” би била дел од поширок дипломатски договор, во кој Берлин ќе објави испраќање на помал број свои тенкови „Леопард 2″ во Украина и во исто време ќе ги овласти Полска и другите земји да испратат тенкови „Леопард” во Украина”.

Ваквиот договор, според „Вол Стрит Џурнал” ќе ги смири несогласувањата меѓу САД и Германија околу испраќањето тенкови во Украина, што се закануваат со поширок јаз меѓу западните земји како што се приближува првата годишнина од руската инвазија на Украина.

Промената на американската позиција, според весникот, уследила по телефонскиот разговор меѓу американскиот претседател Бајден и германскиот канцелар Олаф Шолц, за време на кој Бајден наводно се согласил да размисли за испраќање на тенкови „Абрамс” и покрај оценката на Пентагон. Висок германски функционер за весникот изјави дека за ова изминатата недела се водат интензивни преговори меѓу Берлин и Вашингтон. Во моментов, тврди „Вол Стрит Џурнал”, се чини дека наскоро е можно решение на проблемот.