September 27, 2020 15:42
Свет

САД загрижени од ситуацијата во Белорусија

Портпаролот на Белата куќа, Кејли Мекенани, денеска изјави дека САД се длабоко загрижени од ситуацијата со изборите во Белорусија и ја повикува белоруската Влада да не спречува мирни собири и да не применува насилство спрема демонстрантите.

Претходно, загриженост поради недемократското однесување на раководството на Белорусија изрази и Велика Британија. Официјален претставник на премиерот Борис Џонсон истакна дека Лондон го смета за неприфатливо насилното растерување на демонстранти од минатат ноќ.

Во заедничка изјава на шефот на европската дипломатија, Жосеф Борел, и комесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеи, се истакнува дека претседателските избори во Белорусија биле засенети од „непропорционално и неприфатливо насилство на државата врз мирните демонстранти”.

ЕУ треба да преземе мерки за да не се дозволи примена на сила од страна на властите на Белорусија, побара денеска Јацек Чапутович, министер за надворешни на Полска.

На 9 август во Белорусија се одржаа претседателски избори. Според официјалните резултати, победник е актуелниот претседател Александар Лукашенко. Но тој резултат е оспорен од опозицијата. Полицијата растеруваше протести и денеска, а опозицијата најави дека протестните акции продолжуваат.