Шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК), Вилма Русковска, во изјава за ТВ Алсат вели дека не може да ја потврди автентичноста на аудио снимката што вчера протече на социјалните мрежи, а на која се претпоставува дека таа разговара со уште едно лице, чиј глас е обработен.
Во снимката се споменува името Владимир Атанасовски што се совпаѓа со поранешниот директор на УБК, првостепено осуден на казна затвор од 6 години за организација на настаните од 27 април, а кој, како што се слуша во разговорот, бил ,,заборавен” во притвор два месеца.
„Нема шанса некој да биде ‘заборавен’ во притвор, затоа постојат заштитни механизми. Ако сум рекла ‘заборавен’, тоа е фигуративно кажано. Не знам дали снимката е автентична. Мислам дека е дел од снимките што Јордан Камчев ги достави за предметот ‘Рекет’. Најдобро е Камчев да го прашате за автентичноста. Не знам кој е објавувачот, изјави Русковска за ТВ Алсат.
Инаку, Орце Камчев е еден од обвинетите што постигнаа спогодба за случајот ,,Империја” со ОЈОГОКК со кое раководи Русковска. Конкретно Камчев – да плати 5 милиони евра и да одлежи една година затвор.
Аудио-снимката е објавена на Твитер и трае околу минута и половина. Непознатото лице прашува како е можно и по шест месеци да не се знае што е суштината на делото во случајот Империја. Во продолжение ви пренесуваме транскрипт од разговорот:
– Непознато лице: Ти си обвинителка, дали е можно 6 месеци да не знаеме што е предметот? Никој не знае.
– Обвинителка: Не. Може.
– Непознато лице: Како може?
– Обвинителка: Може. Го држев два месеци и го заборавив. Го заборавив, буквално. Не. Го заборавив, намерно. Владимир Атанасовски, го ставив во притвор и го заборавив два месеци.
– Непознато лице: Тоа е шефот на УБК.
– Русковска: Го ставив во притвор и го заборавив.
Сниката е објавена на Твитер налогот „Правда за сите во Македонија“. Инаку, екс- директорот на УБК, Владимир Атанасовски, беше осуден за случаувањата на 27 април. Претходно, притворот му беше неколкупати продолжуван.