January 16, 2021 01:19
Свет

Руски мировник ранет, азербејџански војник убиен од нагазна мина во Нагорно-Карабах

Еден руски мировник е ранет, а еден азербејџански војник е убиен во спорниот регион Нагорно- Карабах во понеделникот откако експлодирала нагазна мина за време на потрагата по телата на загинатите во неодамнешните борби, пренесува РТ.

Потрагата беше изведена во согласност со примирјето меѓу Ерменија и Азербејџан со посредство на Москва. Мировниот договор, потпишан пред една недела, стави крај на речиси два месеца интензивен конфликт меѓу соседите, поради кој руски мировници се распоредени во Нагорно- Карабах за да ги разделат страните и да спречат какви било провокации.

Мината се активирала кога екипата за пребарување – составена од руски и азербејџански воени лица како и од претставници на Министерството за вонредни состојби во Нагорно-Карабах и Меѓународниот комитет на Црвениот крст – работела во близина на селото Магадиз во понеделникот, соопшти руското Министерство за одбрана.

Азербејџански офицер го загубил животот во експлозијата, а ранети биле руски мировник и четворица спасувачи од Нагорно-Карабах. Рускиот офицер бил веднаш пренесен во главниот град на Азербејџан, Баку, на лекување, а официјалните лица изјавија дека тој не е во животна опасност.

Напорите за извлекување на телата на убиените во борбите за спорната територија се спроведуваат кохерентно и ефикасно веќе една недела, се вели во соопштението. Сите откриени тела се предадени на соодветните страни за да може да се организираат погреби.

Во моментов примирјето се почитува по целата линија на контакт во Нагорно-Карабах. Повеќе од 11.000 бегалци кои избегаа од конфликтот се вратија во своите домови од почетокот на примирјето, вклучително и околу 2.300 само во понеделникот.

Нагорно-Карабах, кој е меѓународно признат како дел од Азербејџан, но е главно населен со етнички Ерменци, е приќина на расправија меѓу Баку и Ереван со децении. Двете нации претходно водеа крвава војна за регионот помеѓу 1988 и 1994 година со сериозни борби што повторно се разгореа во септември по повремените пресметки во тоа време.