October 26, 2020 17:01
Свет

Рускиот заем од милијарда и пол долари не е доволен за спас на белоруската економија

Одлуката на Русија да додели заем од 1,5 милијарди американски долари на Белорусија нема да ја спаси економијата на земјата, вели членот на Президиумот на белорускиот Координативен совет на опозицијата, Павел Латушко, пренесува ТАСС.

„Всушност, тие пари само ќе го сменат џебот. Од почетокот на годината, Белорусија веќе ѝ должи на Русија околу 400 милиони. Покрај тоа, треба да вратиме околу една милијарда во рамките на заемот од 3,6 милијарди долари што Русија претходно ни го додели. Тоа може да ја спаси Белорусија за краток рок, но тоа нема да ја спаси белоруската економија затоа што е потребен системски пристап, како и еднократна помош од најмалку 4 милијарди американски долари“, рече тој во видео-обраќањето објавено преку „Телеграм“.

Според Латушко, Белорусија има потреба од преструктуирање на своите долгови и програма за реформи, што, според него, сегашната влада не била способна да ја изготви.

Рускиот претседател Владимир Путин на состанокот со својот белоруски колега Александар Лукашенко во Сочи изјави дека Москва ќе му обезбеди државен заем во висина од 1,5 милијарди долари на Минск.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, по разговорите рече дека еден дел од новиот заем ќе биде наменет за рефинансирање на претходните долгови, а другиот дел се нови средства.