February 2, 2023 23:11
Свет

Руска НВО Меморијал: Нема дипломатско решение за војната во Украина

Во моментов „нема дипломатско решение” за војната во Украина, изјави денеска Ирина Чербакова, коосновач на руската невладина организација за човекови права Меморијал, која беше распуштена од руските власти.

– Апсолутно сум убедена дека нема дипломатско решение со режимот на (претседателот Владимир) Путин, се додека тој се уште е таму, рече Чербакова, која ја напушти Русија по инвазијата врз Украина и моментално престојува во Германија, во Хамбург.

Според неа, засега единствено решение е воено, иако дипломатијата може да има значајна улога во решавањето на конфликтот.

– Дипломатијата може да интервенира дури откако Украина ќе оцени дека победила во војната и дека војната може да запре, рече руската активистка и оцени дека повиците за мир сега се предвремени и „детски”.

Невладината организација Меморијал е овогодинешниот добитник на Нобеловата награда за мир, заедно со белорускиот активист за човекови права Алес Бјаљацки и Украинскиот центар за граѓански слободи.