December 6, 2022 22:36
Свет

Русија поседува речиси 6.000 нуклеарни боеви глави

Претседателот на Русија, Владимир Путин изјави дека има „различни оружја за уништувања” и ги предупреди светските лидери за „нуклеарна уцена” против неговата земја.

– Доколку е загрозен територијалниот интегритет на нашата земја, ние без сомнение ќе ги искористиме сите расположливи средства за да ги заштитиме Русија и нашиот народ, ова не е блеф, истакна Путин во вонредното телевизиско обраќање до нацијата.

Иако точниот број на нуклеарното оружје не е познат поради тајноста на безбедносните стратегии, според Федерацијата на американските научници, Русија има најмногу односно 5.977 нуклеарни боеви глави. Додека САД имаат 5.428 боеви глави, Франција 290, а Велика Британија 225 боеви глави. Русија и САД поседуваат приближно 90 проценти од сите нуклеарни боеви глави.

Путин во март предизвика загриженост ширум светот откако ги стави своите нуклеарни сили во состојба на готовност. Русија поседува и интерконтиненталните балистички ракети (ИЦБМ), кои можат да стигнат и да ги уништат големите светски градови како Лондон или Вашингтон. ИЦБН може да достигне максимална брзина околу 10 минути по лансирањето, што значи дека една ракета истрелана од Русија може да стигне до Велика Британија за само 20 минути.

За Русија да употреби нуклеарно оружје има одредена процедура. Претседателот, министерот за одбрана или началникот на Генералштабот треба да одобрат употреба на нуклеарно оружје. Руската нуклеарна доктрина дозволува употреба на тактичко нуклеарно оружје – ограничена нуклеарна експлозија во конвенционален конфликт. Стратешкото нуклеарно оружје може да погоди цели многу подалеку, како што се оние во САД. Тактичко нуклеарно оружје е термин кој се користи за ракети што се распоредени на бојното поле, како во Украина.