December 9, 2022 14:19
Свет

Русија инсистира на тајно гласање во ГС на ОН за нацрт-резолуцијата против илегалната анексија на делови од Украина

Русија инсистира на тајно наместо јавно гласање во Генералното собрание на ОН, каде следната недела ќе се разгледува нацрт-резолуцијата против руската анексија на делови од Украина.

Во нацрт-резолуцијата подготвена од западните земји се осудуваат руските „незаконски така наречени референдуми” и „обидот за нелегална анексија” на четирите украински региони Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон.

Во писмото на постојаниот претставник на Русија во ОН, Василиј Небензија до земјите-членки на ОН, во кое имале увид западни новински агенции се наведува: „Ова е јасно политизиран и провокативен развој, чија цел е да се продлабочи поделбата во Генералното собрание и дополнително да се отуѓат нејзините членови”.

Според дипломатите најверојатно јавно ќе се гласа дали гласањето за нацрт-резолуцијата треба да биде тајно. Минатата недела Русија стави вето на слична нацрт-резолуција во 15-члениот Совет за безбедност на ОН.

ЕУ спроведува широки консултации со земјите-членки на ОН пред гласањето за нацрт-резолуцијата, што најверојатно ќе се одржи в среда.