Спорт

Румениге: Левандовски е најдобриот напаѓач на светот

Претседателот на Баерн, Карл-Хајнц Румениге го прогласи Роберт Левандовски за најдобар напаѓач во светот. Вчера полскиот напаѓач постигна уште еден гол, со што го зголеми својот скор на 34 гола во Бундеслигата оваа сезона. Со ова достигнување тој стана најдобар стрелец на првенството по петти пат.

– Да се ​​постигнат 34 голови во една сезона од Бундеслигата е неверојатно достигнување. Само Герд Милер има постигнато повеќе во една кампања. Сакам да му честитам и да му се заблагодарам на Роберт Левандовски. Тој е најдобриот напаѓач во светот, изјави Румениге по завршувањето на првенство, кое му ја донесе на Баерн осмата последователна титула.

Левандовски веќе има 236 голови во Бундеслигата и е трет на листата на сите времиња, откако заостанува само зад Милер и Клаус Фишер.

– За жал, пропуштив три натпревари оваа кампања. Среќен сум со тие 34 гола, но тие се благодарение на тимот, изјави 31-годишниот напаѓач.