September 26, 2020 06:38
Магазин

РСБСП со активности за поддршка на велосипедизмот

По повод „Европска недела на мобилност”, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата  (РСБСП) во наредните седум дена ќе реализира низа активности за промоција и поддршка на алтернативните форми на мобилност, а посебен акцент ќе биде ставен на поддршка на велосипедизмот.

РСБСП посочува дека возењето велосипед, или велосипедизмот, како алтернативно превозно средство носи со себе многубројни бенефити – персонални, економски, социјални, еколошки и многу други, а пред се, треба да се потенцираат здравствените бенефити од возењето велосипед.

-Општо познато е дека луѓето кои инкорпорираат физички активности во нивниот дневен живот, генерално живеат подолг и поздрав живот од останатите. Велосипедизмот како физичка активност помага во градењето на мускулот, слабеење, спуштање на високиот крвен притисок и зајакнување на срцето. Исто така, возењето велосипед, докажано помага при намалување на стресот, и подобрување на сонот, соопшти РСБСП.

Еколошките бенефити кои ги носи велосипедизмот, според Советот, се исто така доста значајни. Според нив, велосипедот како превозно средство не троши фосилно гориво, и со тоа нивото на издувни гасови во воздухот се намалува и квалитетот на воздухот расте. Што значи дека колку повеќе автомобили отстраниме од улица, и ги замениме со велосипеди, толку подобро за сите нас, за нашето здравје, и околината во којашто живееме.

РСБСП потсетува и на безбеден и протечен сообраќај. Посочува оти истражувањата покажуваат дека најголемиот дел од дневните патувања кои ги правиме секојдневно се пократки од пет километри, што ги прави идеални за изминување со велосипед.

-Користењето на велосипедот како превозно средство ви овозможува да ги избегнете метежите по улиците и да патувате безбедно и да пристигнете до вашата дестинација побрзо, и со помалку нервози. Патувањето со велосипед исто така го елиминира еден од најголемите проблеми на патувањето со автомобил, а тоа се паркинг местата. Со велосипед, вртењето празни кругови по половина час со надеж дека ќе се ослободи паркинг место ќе биде ваше минатото, соопшти РСБСП.

Од финансиски аспект, како што посочуваат, изборот меѓу автомобил и велосипед е очигледен.

-Додека автомобилот чини неколку илјадници евра, просечен велосипед чини неколку стотици. И не само тоа, туку велосипедот не ги сноси сите дополнителни трошоци кои ги повлекува автомобилот. Гориво, сервисирање, регистрација, паркинг, осигурување и многу многу други. Затоа РСБСП со потсетување: „Возењето велосипед може да го спаси светот и да го направи Вашиот живот подобар! Одважи се, вози велосипед!, се наведува во соопштението на РСБСП.