December 3, 2022 09:15
Спорт

Рокот за пријавување за стипендиите „Борис Трајковски” на извршната МБА-програма на Универзитетот Јорк продолжен до 6 октомври

Рокот за аплицирање за стипендија „Борис Трајковски” на извршната МБА-програма на Универзитетот Јорк за студии од втор циклус за академската 2022/2023 година е продолжен до 6 октомври. Заинтересираните кандидати може да конкурираат онлајн. И оваа година се доделуваат 20 стипендии за студенти на вонредни двегодишни студии. Учесниците може да изберат една од шесте достапни специјализации, МБА по Општ менаџмент, МБА во Маркетинг, МБА во Финансии, МБА во Логистика и менаџмент, МБА во Управување во здравство и МБА во Управување со човечки ресурси.

Предноста од добивање на стипендијата „Борис Трајковски” е што добитниците ќе студираат според Паневропската извршна МБА-програма и ќе се стекнат со двојна диплома – од Сити колеџ, Европскиот кампус на Универзитетот Јорк и од Факултетот за економија и менаџмент на Универзитетот во Стразбур.

-Така, двојната диплома потекнува од две образовни институции кои се високо истакнати и рангирани во научниот свет, Универзитетот Јорк е врвен британски универзитет рангиран на 151 место во светот според QS World University Rankings за 2022 година и Универзитетот во Стразбур претставува престижен француски универзитет од каде имаат произлезено 18 научници наградени со Нобелова награда. Покрај двојната диплома, програмата нуди и вистинско меѓународно искуство преку три студиски патувања – во Јорк (Велика Британија), Стразбур (Франција) и во Солун (Грција). Програмата ја предаваат истакнати професори и меѓународни академици од Европскиот кампус на Универзитетот Јорк, Сити Колеџ, од Универзитетот Јорк, од Универзитетот во Стразбур, како и други признати универзитети ширум светот и експерти од индустријата со значително професионално искуство, се наведува во соопштението.

Паневропска извршна МБА-програма, како меѓународна програма, се нуди во 8 различни градови низ регионот и нуди неограничени можности за вмрежување. Специјално е дизајнирана за сите кои сакаат да ги подобрат своите вештини и знаења за професионален, кариерен и личен развој.

-Според квалитетите, оваа програма е една од 300 програми акредитирани од Здружението на МБА програми (AMBA) и од Институтот за менаџмент, од Велика Британија (CMI), а вредноста на оваа извршна МБА-програма во академскиот свет ја потврдува и заедницата од приближно 4000 учесници и дипломци досега, стои во соопштението.