August 6, 2020 08:59
Ракомет Спорт

Ристовски: Треба да се погледнеме во очи- ова е нашата реалност

Борко Ристовски влезе во игра во второто полувреме, но Македонија продолжи со слаб настап се до завршните минути, со што поразот од Австрија беше неизбежен. Со тоа, нашите ракометари второ големо натпреварување во серија го завршуваат во првата фаза, ситуација што дефинитивно го пали светлото за „аларм“ околу иднината на нашиот национален тим.

„Сите го сакаме најдоброто, но треба да се погледнеме во очи, ние како ракометари, вие како новинари и да си признаеме дека ова е нашата реалност. Можеби ја победивме Украина, која е далеку од елитата, но дуелите со Чешка и Украина се јасни знаци на нашата немоќ. Не станува збор за квалитет, за техника, пред се за страв. Ако ги погледневте нашите ракометари пред мечот, повеќе од половина од нив беа бледи во лицата, тоа подоцна им се одрази и врз играта кога влегоа на терен“, изјави Борко Ристовски.

Со ваквиот пласман значително се отежнува и патот за одржување на континуитетот од настапи на големите натпреварувања.

„Со овие игри сите видовме каде ни е местото. Ние пак ќе се бориме, но ќе имаме сериозен проблем бидејќи сега и патот до европските и светските првенства ќе биде многу потежок. Со овој квалитет толку можеме, ни фали уште многу, многу работа на сите полиња. Мислам дека ова е добра лекција за сите нас, ние цело време дававме поддршка, се уште даваме, но сите треба да бидеме свесни дека сме предалеку од онаа генерација што бевме до пред неколку години“, истакна Ристовски.