December 3, 2022 11:02
Спорт

Ристовска: Со селекторот Савевски се гледа голем напредок во нашата игра

Капитенот на македонската ракометна репрезентација, Сара Ристовска, е задоволна од начинот на кој се развива националниот тим под водство на селекторот Љубомир Савевски.

Ристовска очекува „црвено-жолтите” да прикажат добри игри на претстојното Европско првенство.

– Досега немам играно на големо првенство за сениорската репрезентација. Се заблагодарувам од името на сите ракометарки што ни е овозможено да играме дома со добивањето на организацијата на ЕП. Со селекторот Савевски се гледа голем напредок во нашата игра. Се надевам дека тоа ќе дојде до израз на евро-шампионатот. Овој настан е  е многу позитивен за развојот на македонскиот ракомет. Мотивацијата е голема да се игра пред нашата публика. Јас лично гледам дека располагаме со многу талентирани ракометарки. Очекувам да ја наследиме генерацијата на Нацева. Апелирам до новинарите да не прават психолошки притисок врз нас. Најважно е да одиграме како што знаеме, а резултатите ќе дојдат. Атмосферата во репрезентацијата е на многу високо ниво, истакна Ристовска.

Слично размислува и македонскиот селектор.

– Нашата визија е создавање репрезентација на долги патеки, да трае 15-20 години и да се обиде да се врати на стапките на генерацијата на Нацева. Верувам во овие девојки. Репрезентацијата е симбиоза на оние кои играат во странство и домашните ракометарки вклучувајќи и помлади. Имаме многу тешка група. Би бил пресреќен ако земеме еден скалп на силните ривали. Сепак имаме проблеми со повреди. Задоволен сум од сработеното, и верувам дека сме на вистински пат, изјави селекторот Савевски.

Во периодот од 4 до 20 ноември годинава Ракометната федерација на Македонија ќе биде ко-организатор на Европското првенство за ракометарки, заедно со федерациите на Словенија и на Црна Гора.

Македонската репрезентација на Европското првенство ќе игра во група со Франција, Холандија и Романија.