December 7, 2021 04:36
Спорт

Реџепи излезе од карантин, ќе го вее македонското знаме во Токио

Македонската џудистката Арбреша Реџепи сепак ќе биде дел од церемонијата на свеченото отворање на Летните олимписки игри во Токио. Според информациите од Јапонија, Реџепи имала пет негативни тестови на коронавирус и добила дозвола да излезе од изолација.

Таа заедно со Дејан Георгиевски ќе бидат на чело на македонската експедиција која ќе продефилира на отворањето на Игрите.

Вчера Арбреша Реџепи беше упатена во карантин поради контакт со лице позитивно на коронавирус, кое го имала на аеродромот во Франкфурт на патот кон Токио.

– По интервенција на МОК, Арбреша Реџепи ќе може да присуствува на вечерашното отворање на ОИ и ќе го носи македонското знаме на церемонијата на отворање на Игрите. Арбреша Реџепи, со одлука на ИОК/Организациониот комитет ТОКИО 2020, не е повеќе под надзор заради близок контакт со заразен од КОВИД-19 и таа ќе ја има честа да биде прва спортистка, Олимпијка која ќе го носи македонското знаме на отворањето на летните Олимписки игри! – стои во соопштението на Македонскиот олимписки комитет.

Почетокот на свеченото отворање на Олимпијадата во Токио е закажан за 13 часот по македонско време.