December 6, 2022 20:50
Македонија

Речиси 18 милиони евра доби ЕСМ од Владата за да може да купува гас

Владата на Република Северна Македонија, на денешната седница одобри средства за ликвидно работење на друштвата и континуирано снабдување со топлинската енергија на потрошувачите на Град Скопје.

Беше донесена Одлука за одобрување 1,1 милијарда денари за набавка на енергенси, пред почетокот на грејната сезона, на АД за производство на електрична енергија „Електрани на Северна Македонија”, во државна сопственост, Скопје, согласно Одлуката за постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија.

Со преземените соодветни мерки од страна на Владата се обезбедува непречено снабдување со топлинска енергија на градот Скопје и сигурност и стабилност при испораката на топлинска енергија до потрошувачите за време на годинешната грејна сезона.

Но, за да може ЕСМ   да ги грее  скопјани мора да се постигне  договор со Адора за топланите Исток и Запад и тогаш да ја добие третата лиценца за производство на топлинска енергија.  Иако , се очекуваше Владата денеска  да одлучи  дали ќе ги купи топланите или ќе ги земе под  закупи тоа не се случи. Според информациите  договор се очекува да има во следните неколку  дена.  Преговорите  со Адора се одолговлекоа  затоа што од компанијата  инсистираат  да ги продадат   објектите по цена колку што ги купиле лани. Владата пак повеќе е за закуп на топланите.

Во меѓувреме продлжуваат препукувањата меѓу власта и БЕГ, за тоа кој има законска обврска да испорачува греење  додека тоа не почне да го прави ЕСМ.   Отако  вчера  од Балкан Енерџи соопштија дека тие повеќе не се надлежни за тоа, вицепремиерот Битиќи возврати дека токму БЕГ  имаат законска обврска да ја врши услугата. Уште еднаш потврди дека  скопјани треба да бидат спокојни, зошто парно  ќе има.