October 27, 2020 18:45
Магазин Македонија

(Репортажа): Вистинската Турција е надвор од хотелите, излезете и шетајте!

Турција е многу повеќе од само луксузни хотели и изобилие од храна која после три дена неконтролирано јадење нема никаков вкус. Ако сте биле во хотелски ресорт и буквално не сте излегле надвор, сте пропуштиле многу. Турција има да понуди многу повеќе од само луксузни хотели и храна. Ова е мотото со кое државата се обидува да ги врати туристите кои избегаа поради пандемијата.

Турција има долга сезона и во Медитеранските и Егејските региони, особено во Анталија и Бодрум и Мармарис, како и јужниот дел на Егејот. Всушност, Турција не само што нуди сонце, песок и море, ги има и најатрактивните културни и историски градови на античките цивилизации, рути како Патот на свилата и уникатни места како Кападокија и Памукале кои можат да се посетуваат во текот на целата година.
Каде и да стапнете на турско тло ве чека некаква приказна, која сака да биде слушната и прераскажана… Тури низ антички градови, замоци, калиња, водени спортови, кампување, планинарење, прекрасни песочни плажи…Зарем има нешто што оваа земја не може да им го понуди на туристите?
Безбедниот туризам што го промовира од почетокот на пандемијата е уште еден позитивен сегмент, но е и многу важен, бидејќи ќе можете спокојно да уживате во убавините на оваа мистична земја.

Местата што не треба да ги пропуштите

Бодрум е местотото што мора да се посети. Градот е сместен на истоимениот полуостров Бодрум, на северозападниот дел од заливот Гокова, спротивно од грчкиот остров Кос. Тој е многу важен туристички центар. Но, покрај елитниот туризам по кој е познат, прекрасните хотелски комплекси, Бодрум има и специфична архитектура. Сите куќи се бели и со еднаква висина, што го прави многу интересен за посетителите.

Неговата главна атракција е Бодрумското кале кое го изградиле витезите од редот на Свети Јован кои во 16 век дошле од Родос. Добро е зачуван, има пет кули – англиска, француска, италијанска, германска и шпанска, според националноста на витезите кои го граделе.

Порај прекрасниот поглед што го нуди калето, тука е сместена уште една туристичка атракција – Музејот на подводна археологија. Колекцијата на многубројните артефакти што се пронаоѓани во морето е импресивна. Но, секако вниманието најмногу ви го привлекува конзервиран и реставриран брод, кој е сместен во срцето на музејот.

Според официјалните податоци од Музејот, бродот потонал во 1025 година. Целото стакло што било пронајдено околу него, сега е сместено во него и може да го видите. Откако ќе се искачите на врвот на Калето, предлагаме да останете со сопствените мисли и погледот кон белиот Бодрум барем 10 минути.

Бодрум е исто така многу  познат и по тоа што тука се наоѓа едно од седумте светски чуда на стариот свет, гробницата на карискиот крал Мавзол. Не случајно старите гробници денеска се викаат мавзолеи. Ги добиле по него. Во музејот во Бодрум може да се видат темелите на гробницата која ја градела неговата сопруга која му била и сестра – Артемисија. Се верува дека градбата ја завршила во 350 година пр. н.е, три години по неговата смрт.

За да ја комплетирате приказната за Мавзол, мора да го посетите и малиот град Милас. Ви требаат само 30 минути со автомобил од Бодрум.  Тука во 2010 година, случајно е откриена нова гробница на карискиот крал Хекатомнос, таткото на Мавзол, која датира од 4 век пр. н. е.  Нашиот водич ни раскажа дека на ова место диви копачи пронашле артефакти, но Министерството за култура покренало истрага и така го пронашле гробот на Хекатомнос. Всушност, гробницата е откриена под куќи направени на диво, кои сега се срушени. На овој локалитет има уште неколку интересни музеи, како музејот на теписи, како и музеј за деца.

Цветните улички на Мармарис

Во областа Мугла се наоѓа приморскиот град Мармарис. Најпознатата туристичка атракција е тврдината која е обновена во 1522 година од страна на османлискиот султан Сулејман. Тврдината сѐ уште се конзервира и реставрира и денеска е музеј. Секако, од тврдината имате спектакуларна панорама на целиот град и неговата околина.

Посебен е и патот што ве води кон тврдината. Прекрасните камени тесни улички низ кои се шират опојни мириси од цвеќиња се одмор за сите сетила. Старите куќи од отоманско време и дрвените порти го мамат погледот, па заборавате на жешкото време додека се искачувате до тврдината.

 

Античките градови во Анталија

Вистинско уживање за туристите е и градот Анталија. Се разбира покрај убавите плажи и тука имате можност да истражувате антички градови и локалитети. Во античките градови Перге и Аспендос може од прва рака да погледнете разновидни урнатини од хелинистичката ера до римскиот период. Од римски бањи, хеленистички порти, па дури и стадион.

Амфитеатарот Аспендос е најдобро сочуваниот антички театар во светот. Додека ја искачувате секоја скала, ве обезема некое чудно чувство, едноставно не можете да престанете да мислите што сѐ се случувало на ова тло и какви тајни крие секое ќоше.

Театарот е изграден за време на римскиот император Маркус Аурелиус (160 до 180 г). Благодарение на натписите на sидовите, точно се знае кој го дизајнирал, Зенон, син на Теодорус. Написите исто така кажуваат дека грчкиот архитект, роден во Аспендос, бил финансиран од двајца богати браќа, А.Куртиус Криспинус Арунтианус и А.Куртиус Криспинус, кои му го подариле театарот на градот.

И покрај тоа што е изграден за време на римското владеење, театарот прикажува многу грчки карактеристики. Театарот Аспендос е импресивен. Вкупната ширина е 96 метри. Трибината за гледачи е поделена на два дела со хоризонтална патека наречена дијазома. Долниот дел содржи 20 реда седишта, додека горниот има 21 ред. Капацитетот на театарот е  7.300 до 7.600 луѓе, со простор за 8.500 гледачи ако скалите се користат како седишта. Театарот е познат и по својата одлична акустика и извонредното архитектонско решение. И денес, театарот сè уште се користи за неговата првична намена. Секоја година од 1994, театарот е домаќин на Меѓународниот фестивал на опера и балет- Аспендос. Илјадници луѓе седат на скалите и слушаат прекрасна музика, исто како и пред 2.000 години.

Посебен култ кон храната и животните

За храната во Турција, што и да се каже е премалку. Но, ако сте останале на специјалитетите што се прават во големите ресорти, исто како да не сте пробале вистинска турска храна. Солено, благо, месо, риба или зеленчук… Излезете во било кој ресторан и нема да зажалите. Тоа е храна зготвена со многу љубов. Друго објаснување нема. И да сакате, нема да најдете нешто што нема да ви биде вкусно.

Односот на Турците кон животните е исто така нешто што останува во меморијата. Уличното куче Фундух живее во хотел со 5 ѕвезди во Анталија. Секако заедно со десеттина мачки. Сопственикот на хотелот, всушност се грижи за сите улични животни што живеат во близината. Ги вакцинира, храни, ги лекува…Кучиња и мачки може да се забележат на секој чекор. Во ресторани, хотели, на плажа. Садови со вода и храна има на секои 100 метри во било која чаршија.

„Тие се тука да ни помагаат во услугата за туристите. Нема кој не се смее кога ќе му притрча некое куче кое бара љубов. Јас не познавам Турчин што не сака животни“, ни коментира Хасан, сопственик на продавница во чаршијата во Мармарис.

 

Но, Турците не сакаат само животни, ги сакаат и туристите. Нивната неверојатна желба да направат да се чувстувате убаво во нивната земја, едноставно трогнува. Си заминувате со желба повторно да се вратите. Фрлете поглед наназад секогаш кога се поздравувате со некое место, сигурно ќе го видите пак!

Пишува: Милена Атанасоска- Манасиева

Поврзани вести

Оливер Спасовски е позитивен на Kовид-19

Igor

15 починати и 247 нови случаи на Ковид-19

Igor

(Фото) Амди Бајрам со голема поворка автомобили испратен до вечното почивалиште

Igor