June 26, 2022 07:54
Македонија

Ременски: Петков да дојде и да види како се распаѓа несудениот граничен премин кај Берово

Ќе беше добро бугарскиот премиер денес да можеше да помине на граничниот премин Клепало кај Берово, па да застане на чај од риѓен и буламач на бачилото Клепало или на качамак сос клиси на Аурора. Ќе беше добро, ако преминот беше пуштен како што најавуваа сите премиери и министри од 1993 година до денес, ама не е, напиша Фросина Ременски на Фејсбук по повод посетата на бугарскиот премиер на земјава.

„Ако се видат последните вести преминот требало да биде пуштен на крајот на 2020 година, ама не е. Фалел асфалтен пат од бугарската страна од Струмјани до Клепало. Бугарските власти викаат патот бил готов, ама уште никој не го гледа. И додека сите чекаат поврзување на еден километар пред преминот патот од наша страна е скоро уништен од последните дождови во Малешевијата. Но, тоа не е најлошата работа… Објектот на Клепало се распаѓа и е нефункционален. Петте куќарки за царински и полициски контроли и прегледи се распаѓаат. Поголем број трансформатори за струја се извадени, украдени и уништени и сигурно продадени како “старо” железо. Вредноста на оваа штета е голема“, вели Ременски, која објави и фотографии од објектите во распаѓање.