December 1, 2022 18:09
Свет

Рекордни 433 добитници на лотарија на Филипините, покрената е истрага

Рекордни 433 добитници беа извлечени за џекпот на националната лотарија на Филипините, што поттикна повици за истрага. Ова е најголемиот број на добитници на големата награда во играта „Гранд лото“ во историјата, пренесуваат локалните медиуми.

Добитната комбинација за наградата од околу четири милиони долари минатиот викенд се состоеше од низа броеви кои сите се деливи со девет. Водачот во Сенатот Коко Пиментел повика на истрага за „сомнителните“ резултати.

Еден експерт изјавил за Би-Би-Си дека шансите за толку голема група победници се „еден спрема еден на 1.224 нули“.

„Не знам како да ја изговорам таа бројка бидејќи е толку голема“, вели Гвидо Дејвид, професор по математика на Универзитетот на Филипини.

Учесниците на играта „Гранд лото“ избираат шест броеви од 1 до 55. За да го добие џекпотот, играчот мора да ги погоди сите шест броеви извлечени од организаторот на лотаријата.

„Овие лото игри се одобрени од Република Филипини. Затоа треба да го зачуваме и одржиме интегритетот на игрите на среќа“, изјави Пиментал, повикувајќи на истрага за овој необичен резултат.