October 31, 2020 17:39
Свет

Регионот на Мадрид побара помош од армијата за бопрба со Ковид-19

Регионот на Мадрид, кој е епицентар на епидемијата на новиот коронавирус во Шпанија, денеска побара помош од армијата за време на тестирање и дезинфекција, најавувајќи продолжување на рестриктивните мерки на други области од петок.

Потпретседателот на регионот, Игнасио Агуадо, најави дека регионалната извршна власт ќе побара „итна логистичка поддршка на армијата за време на … спроведување тестови и за дезинфекција” на најзагрозените области за време на утрешниот состанок со централната влада.

Армијата исто така помогна при тестирање и дезинфекција во првиот бран на епидемијата низ целата земја.

Мадрид, исто така, ќе побара распоредување на 220 полицајци за да се следи почитувањето на карантинот и другите воведени мерки.

Шпанскиот министер за здравство вчера ги повика сите граѓани на Мадрид да ги ограничат своите движења и контакти и да ги сведат само на „неопходните” со цел да се запре ширењето на епидемијата, еден ден по стапувањето во сила на строгите ограничувања во регионот на Мадрид.

Министерот Салвадор Илја за Радио Кадена Сер изјави дека ситуацијата е најзагрижувачка во Мадрид.