January 30, 2023 01:38
Македонија

Регионална консултација за родова еднаквост и борба против насилството врз жените и семејното насилство

Клучните предизвици за интеграцијата во Европската Унија и родовата еднаквост во регионот, научените лекции од спроведувањето на Истанбулската конвенција за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство и одбележувањето на Меѓународниот ден на ОН за елиминирање на насилството врз жените (25 ноември), се дел од темите за кои ќе се дискутира на денешната Регионална консултација што ќе се одржи во Скопје, во организација на Министерството за труд и социјална политика.

Регионалната консултација, соопштија од МТСП, се случува последователно на регионалниот состанок на Европскиот форум за демократија и солидарност.

Како што најавија од МТСП, покрај министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, на Регионална консултација ќе присуствува и премиерот Димитар Ковачевски, а ќе ја отвори Радмила Шекеринска, потпретседател на Партијата на европските социјалисти со обраќање на тема „Популизмот и интеграцијата во ЕУ – родовата еднаквост како лакмусов тест”.

Советодавниот совет на Мрежата за родови прашања за Централна и Источна Европа, како што е најавено, ќе го одржи својот завршен годишен состанок по настанот. Состанокот е посветен на разгледувањето на Регионалната платформа за родова еднаквост (потпишанa во 2015 година).