February 2, 2023 21:42
Македонија

Рашковски: Сингапур има биометрија, Србија има сообраќаен софтвер, Македонија ги има Трајчева и Русковска

Став на Драги Рашковски, поранешен генерален секретар на Владата

Жителите на Сингапур од 2022 година немаат потреба од пасоши кога ќе се враќаат во својата земја. Наместо тоа, скенер за препознавање на лице и ирисот од окото врши споредба со базата на податоци, а заради дополнителна идентификација, ќе може да користат и отпечаток од прст. Тестирањето е започнато уште пред 10 години.

Колку ние сме далеку од ова?

Во Србија од пред некој месец по долги тестирања и анализи е ставен во функција сообраќаен систем со кој ќе се мери просечната брзина на околу 50 делници низ Република Србија. Покрај мерењето на брзината, со помош на овој систем ќе може да се утврди дали возачот и патниците во возилото користат сигурносен појас, како и дали возачот незаконски го користи мобилниот телефон додека вози.

Колку сме ние далеку од ова?

ДАЛЕКУ СМЕ, АМА ПРЕД НИВ

Колку и да ви е удобен чевелот, ако во него имате и мало камче тој ќе го направи чекорењето неудобно.

Така е и во општествениот живот. Колку и да има едно општество иновативни идеи, може да надвладеат помали сили со ретрограден пристап, а голема концентрација на моќ.

Но само за кратко.

Историјата не памети дека некоја прогресивна сила останала потисната засекогаш, но памети доста кои страдале заради своите прогресивни идеи. Ретроградните сили се секогаш погласни затоа што своето незнаење сакаат да го компензираат со надвикување.

Ретроградните сили прават најчесто штети кои за жал не можат да се надоместат и компензираат.

Што ќе му кажеме на детенце кога ќе порасне, а кое ги изгубило родителите во сообраќајна несреќа? Извинете, ние како држава правевме сè што можевме да ги спречиме сообраќајните несреќи, но во тоа време имаше две тетки кои сметаа дека немало потреба да бидеме како секоја развиена држава. Дозволи ние да ти цитираме дел од обвинителниот акт и приговори по истиот „…биле потрошени државни пари за нешто за што нема економска оправданост…”, па ти процени дали тие биле во право. Како да му кажете на тоа дете дека макар и теоретската можност да се спаси нечиј живот за некого е немање економска оправданост??? Ќе му се извиниме дека спасот на неговите родители „не бил оправдан економски интерес”?

Истото тоа дете ќе седне на компјутер и ќе види дека секоја нормална држава во тоа време имала или правела обид да има таков систем, а кај нас тетките не нашле оправдан економски интерес за тоа. Точно е дека сме посебен народ, во многу што понапреден од светот, особено по интелигенцијата, но во овој случај „камчето во чевелот” ни ги враќа нозете назад.

Пред неколку месеци имавме како држава средба со естонски претставник на која се разговарало за дигитализација на процесите во државата, пред сè преку воведување на електронска лична карта. Наместо да истрчаме напред гордо да им покажеме и прикажеме колку сме понапредни во ова поле и дека кај нас целосна биометриска идентификација е веќе реалност и како систем веќе постои во Владата со иницијална намена да спречи злоупотреби во работните процеси во Владата, ние сме приморани од таквиот систем „да се срамиме да го спомнеме” затоа што, и покрај целосната законска процедура во која системот е набавен, некој решил да гони кривично затоа што според неговите сфаќања „не бил оправдан економски интерес”.

Или во Сингапур и Србија имаат други учебници по економија и други дефиниции за тоа што е оправдан економски интерес, или пак некој кај нас не учел економија.

Формулата за мерење на ефикасноста е многу јасна. Тоа е вредноста која се добива како резултат на вложената вредност. Вредноста која се добива е спас на човечки живот, а неговата вредност е бесконечна.