October 21, 2020 09:33
Економија

Раст на депозитите и на кредитната поддршка и во текот на август

Вкупните депозити во август бележат годишен раст од 5,2%, при раст на депозитите и на домаќинствата и на компаниите, поизразен кај секторот „домаќинства“. Со изземање на податоците за „Еуростандард банка“ АД Скопје – во стечај, вкупните депозити бележат месечен и годишен раст од 0,5% и 6,9%, соодветно, соопшти Народната банка.

Вкупните кредити, исто така, бележат годишен раст од 6,9%, како резултат на кредитирањето кај двата сектора. Со изземање на податоците за „Еуростандард банка“ АД Скопје – во стечај, вкупните кредити бележат месечен и годишен раст од 0,3% и 8,8%, соодветно.

„Во август, вкупните депозити бележат месечен пад од 1,1%, којшто се должи на намалувањето на депозитите на секторот „домаќинства“, во услови на раст на депозитите на корпоративниот сектор. Вкупните депозити се зголемени за 5,2% на годишна основа, при раст на депозитите кај двата сектора, којшто е поизразен кајсекторот „домаќинства“. Доколку се исклучат податоците за депозитите на банката во стечај вкупните депозити во август бележат месечен и годишен раст од 0,5% и 6,9% соодветно“, се наведува во соопштението.

Вкупните кредити, во август, се пониски за 1,4% на месечна основа, што во услови на раст на кредитите на домаќинствата, во целост го одразува намаленото кредитирање на корпоративниот сектор. На годишна основа, вкупните кредити бележат раст за 6,9%, како резултат на повисокото кредитирање кај двата сектора, коешто е поизразено кај секторот „домаќинства“. Доколку се исклучат податоците за кредитите на банката во стечај, вкупните кредити бележат месечен и годишен раст од 0,3% и 8,8% соодветно

Според податоците на Народната банка, кредитите на домаќинствата, овој месец, бележат месечен раст од 0,3%, којшто е резултат на повисоките кредити одобрени во денари, додека кредитите во странска валута бележат пад. На годишна основа, растот изнесува 9,0% и е поизразен кај кредитите одобрени во денари. Со исклучување на податоците за кредитите на домаќинствата на банката во стечај, растот на месечно и годишно ниво изнесува 1,2% и 10,0%, соодветно.

Во август, анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките кредити, како најзастапена категорија, бележат месечен игодишен раст од 0,4% и 9,6%, соодветно. Станбените кредити се намалени за 0,3% на месечно ниво, при остварен годишен раст од 13,0%. Кај автомобилските кредити падот на месечна и годишна основа изнесува од 0,9% и 10,7%, соодветно.

Кредитите одобрени на кредитни картички бележат минимален месечен раст од 0,1%, при годишен пад од 3,7%, додека негативните салда на тековните сметки остварија месечен раст од 2,1%, при годишен пад од 10,9%. Кредитите одобрени врз други основи, во август, се непроменети на месечна основа, додека на годишна основа се намалени за 5,4%.