August 19, 2022 13:38
Свет

Расте бројот на починати мигранти во камион во Тексас

Бројот на загинати мигранти, кои беа пронајдени во камионска приколка без клима во Тексас, достигна 50. На лице место биле пронајдени телата на 46 лица, а подоцна починале уште четири лица, соопштија властите.

Повеќе од 12 лица се префрлени во болница, меѓу кои и четири деца, пренесува АП.

Еден работник слушнал повик за помош од камион паркиран во Сан Антонио и пронашол страшна сцена во приколка, изјави началникот на полицијата Вилијам Мекманус.

Мигрантите загинале во камионска приколка во Сан Антонио, Тексас, каде температурата била 39,4 степени Целзиусови. Според локалните и американските власти, во камионот немало вода или клима уред. Меѓу загинатите има 39 мажи и 11 жени.

Мексиканскиот министер за надворешни работи Марсело Ебрард најави дека Мексико ќе отвори истрага за смртта на мигрантите и посочи дека меѓу жртвите има најмалку 22 Мексиканци.

Тим од мексикански официјални лица ќе отпатува во Тексас за да работи на случајот.

Американскиот претседател Џозеф Бајден го нарече инцидентот „ужасен и потресен“.