February 3, 2023 11:52
Македонија

Раскинување на концесиите за мали хидроелектрани во НП Маврово и забрзување на репрогласувањето на паркот, бара Бернската конвенција при Советот на Европа

На 42-та седница на Комитетот на Бернската конвенција беше донесена нова одлука за отворениот случај од 2013 година „НП Маврово и планираните хидропроекти на неговата територија”. Комитетот одлучи да побара од Владата на Република Северна Македонија да ги раскине преостанатите концесии за мали хидроелектрани во НП Маврово, како прв чекор кој ќе го забрза процесот на репрогласување на паркот.

Комитетот го препозна напредокот во однос на имплементацијата на Препораката бр.211 од 2021 година, особено раскинувањето на 7 концесии за мали хидроцентрали во новопрогласениот Национален парк „Шар Планина”. Оваа иницијатива на Владата на РСМ беше посочена како пример што треба да се примени и во Националниот парк Маврово. Сепак, беше истакнато дека е потребен поконкретен и побрз напредок, особено, во однос на аспектите кои беа посочени од страна на подносителот на жалбата, Еко-свест:

· откажување на преостанатите три концесии во НП Маврово (МХЕ Жировница 5 и 6 и МХЕ Рибничка);

· побрзо донесувањето на новиот Закон за природа;

· започнување на процесот на репрогласување на НП Маврово со иницирање јавни консултации и анализа на постоечката документација;

· започнување на процесот на ажурирање на Акцискиот план за зачувување на балканскиот рис;

· започнување на процесот на подготовка на методологијата за утврдување на еколошкиот проток во соработка со граѓански организации; и

· воспоставување редовна координација и консултации помеѓу државните органи и поднесителот на жалбата.

-Раскинувањето на концесиите во НП Маврово е од клучно значење за идното разрешување на отворениот случај во Бернската конвенција. Затоа го предложивме како прв и најважен чекор и истото беше прифатено од страна на Комитетот. Ја охрабруваме Владата на Република Северна Македонија да го следи примерот со раскинување на концесиите на Шар Планина и бараме веднаш да го отпочне процесот на репрогласување на „Маврово” во соработка со граѓанските организации. Воедно, Владата мора итно да ги обезбеди средствата за овој процес од државниот буџет, следејќи ја препораката, изјави Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на Еко-свест.

-Комитетот го прифати нашиот предлог за итна подготовка на методологија за утврдување на еколошкиот проток. Обезбедување на еколошки проток на водата кој овозможува здравје на сите зависни екосистеми е клучно за унапредување на заштита на реките и водниот биодиверзитет како и за ублажување на евидентните штети од изградбата на малите хидроцентрали, додаде Ѓорѓи Митревски, координатор за поддршка на заедниците во Еко-свест.

Комитетот, земајќи го предвид постигнатиот напредок и очигледната подготвеност на Владата на Република Северна Македонија да преземе акција, одлучи да го задржи случајот како отворен и ги покани двете страни да презентираат нови извештаи за напредокот во однос на случајот и Препораката бр. 211 во јули 2023 година.

Еко-свест