August 14, 2022 09:25
Хроника

Раководителка во Центар за вработување проневерила над 10.000 евра

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал (ОСОСК) до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против Слободанка Алексовска, поранешен раководител во Центар за вработување при Агенцијата за вработување,  поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување”, предвидено и казниво по член 353 став 5 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Пријавената го сторила кривичното дело во својство на службено лице од позиција на раководител, при што во периодот од 01.01.2014 до 30.04.2017, злоупотребила и ненаменски искористила парични средства од благајната на Центарот за вработување при АВРМ, кои биле одобрени за службени потреби и репрезентација на Центарот, а таа, со намера за себе да прибави корист, злоупотребувајќи ја својата службена положба и пречекорувајќи ги границите на службените овластувања, вршела набавки на стоки и услуги за свои лични потреби, а не за потребите на службата.

Алексовска со злоупотреба на својата службена положба и овластувања, постапувајќи спротивно на одредбите од Законот за извршување на буџетите и Законот за спречување на корупција, во периодот 2014-2017 година, за свои лични потреби и за своја сметка нанела штета на Буџетот во вкупен износ од 635.065 денари (10.325 ЕУР).