February 2, 2023 23:03
Свет

Разменетиот руски затвореник Виктор Бут изјави дека Запад сака да ја уништи Русија

Рускиот дилер на оружје, Виктор Бут, кој беше ослободен во размена на затвореници за американската кошаркарска ѕвезда Бритни Гринер, денеска за руските медиуми изјави дека западните земји се обидуваат да ја „уништат” и „поделат” Русија, пренесоа француските медиуми.

„Западот верува дека не не довршија во 1990 година, кога Советскиот Сојуз почна да се распаѓа… Тие мислат дека можат само повторно да не уништат и да ја поделат Русија”, изјави тој за државниот канал „Раша Тудеј”.

Бут (55) беше ослободен вчера во размена на затвореници во Абу Даби за Гринер, која беше затворена во Русија за поседување канабис.

Тој беше обвинет за вооружување на бунтовници во некои од најкрвавите конфликти во светот.

Бут во интервјуто вели дека не наишол на никаква „русофобија” меѓу другите затвореници, нагласувајќи дека дури тие воглавно имале „одредени симпатии кон Русија”.

Интервјуто со Бут го водеше Марија Бутина, пратеничка во Долниот дом на рускиот Парламент, која одлежа 15 месеци во американски затвор за незаконско дејствување како странски агент на Москва.