December 5, 2022 09:06
Македонија

Радев и Пендаровски ги разгледаа можностите за поактивна соработка во областа на енергетиката

Претседателите на Бугарија и Северна Македонија, Румен Радев и Стево Пендаровски, разговарале за можностите за поактивно партнерство во областа на енергетиката, соопшти прес-службата на бугарскиот претседател.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, двајцата претседатели разговарале за можноста Бугарија да го зголеми извозот на електрична енергија во Република Северна Македонија во текот на зимската сезона.

Бугарија е главен извозник на електрична енергија во регионот, а претседателот Радев истакна дека треба да се постигне решение во согласност со правилата на европскиот енергетски пазар, бугарското законодавство и имајќи ги предвид интересите на бугарските граѓани и бизниси.

Темата била разговарана и на трилатералната средба меѓу претседателите Радев и Пендаровски со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на која биле разгледани перспективите за давање поддршка на Република Северна Македонија од Европската комисија. На средбата на двајцата претседатели станало збор и за европската перспектива на РСМ, при што Радев апелирал за побрзо спроведување на предвидените уставни измени во Република Северна Македонија, кои ќе го забрзаат процесот на нејзината европска интеграција.