February 3, 2023 20:45
Македонија

Работилница од проектот „Европски центар за извонредност за креирање одржливи системи и бизнис трансформација”

Во рамки на програмата за градење центри за извонредност во областа  стручно образование и обуки, се одржа прва работилница на Еразмус+ проектот „Европски центар за извонредност за креирање одржливи системи и бизнис трансформација – CATALYST”.

Овој проект е еден од 13-те избрани и финансирани во оваа програма на европско ниво во 2022 година, соопшти Институтот за истражување во животна средина, градежништво и енергетика – ИЕГЕ, кој е проектен координатор.

Главната цел е воспоставување обединет CATALYST – Центар за извонредност на стручно образование (CoVE) во пет држави, кој ќе креира едукативни програми за поттикнување личен и организациски развој за да се олесни трансформацијата на малите и средните претпријатија и да поттикне соработка помеѓу образовните и деловните организации.

-Целта на работилницата беше да воспостави дијалог помеѓу компаниите, едукативните, јавните и граѓанските институции, со примена на методологијата за решавање комплексни, динамични и отворени проблеми преку интерактивна „жива лабораторија”. На работилницата учествуваа истакнати експерти, раководители на проекти во домен на одржливи политики и практики, академската јавност, претставници на градежниот сектор, како и претставници на релевантни институти и државни институции, кои дадоа особен придонес во мапирање на тековните предизвици и идни перспективи во услови на потреба од бизнис-трансформација и градење одржливи капацитети, наведува ИЕГЕ.

Досегашните активности на проектот вклучуваат анализа и мапирање на потребите и предизвиците на вработените и компаниите во однос на одржливост и менаџмент.

Согласно добиените резултати и препораки, посочува ИЕГЕ во соопштението, ќе биде поставен CATALYST Центарот за извонредност, кој ќе развие и пилотира 70 курсеви за стручно образование и обука, како и пилот-проекти со компании и применети заеднички истражувачки проекти во избрани сектори според националната стратегија за паметна специјализација.