August 12, 2022 02:06
Скопје

Пуштен во употреба паркот “Иднина”, првиот од 7-те капитални проекти по повод роденденот на Кисела Вода

Пресечена е лентата и новиот парк “Иднина”, лоциран на кружниот тек помеѓу урбаните заедници Кисела Вода и Припор, од денес и официјално е пуштен во употреба. Ова е првиот од седумте капитални проекти кои од денес па до недела ќе бидат отворени или отпочнати, во рамки на роденденското празнување на Општина Кисела Вода, а кои се одвиваат под слоганот “67 ГОДИНИ МОЈА КИСЕЛА ВОДА, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, изразувајќи го задоволството што само пред седум месеци, на ова место постоеше дива депонија.

-На местото каде што сега стоиме, постоеше дива депонија која и во еколошка и во естетска смисла го нарушуваше живеењето на населението. Во изминатиот период најпрво ја исчистивме депонијата, а потоа интензивно работевме на оплеменување на просторот и негово опремување со најразлични содржини, кои на нашите жители ќе им овозможат ова да биде нивното катче за релаксација, одмор и дружење. Резултатите се видливи. Покрај зеленилото, хортикултурното уредување, наесен ќе се насадат и дрвца, поставивме урбана опрема, клупи, летниковец, патеки за шетање, воден ѕид, a за најмладите изградивме детско игралиште-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски, кој и’ се заблагодари на компанијата “Дабар” за финансиското учество во дел од овој проект.

Додаде дека вака уреден, паркот “Иднина” има за цел да го врати маалскиот живот кој некогаш тука постоел, но со многу современи услови, какви што доликуваат за една општина со традиција долга 67 години.

-Ако се вратиме 40-тина години наназад, пред негрижата за овој дел на градот да го претвори во депонија, во непосредна близина на овој парк, постоела чешма околу која Припорчани се собирале, се дружеле, играле карти, младите играле баскет на дрвениот кош, играле голем фудбал и навивале за ФЦУ , оделе во дискотеката “Зелен раj”, а возрасните на работа во “Прогрес”, “Цементара” и другите авто-мото сервиси кои егзистирале во оваа околина. Нашата замисла е да го заживееме повторно ова место, да го вратиме малскиот дух, но со најсовремени услови-истакна градоначалникот на Општина Кисела Вода. Појасни и зошто паркот e именуван “Иднина”.

-Името на паркот “Иднина” носи симболика, бидејќи иднината на дивите депонии во општина Кисела Вода ќе биде ваква, ќе бидат претворани во зелени паркови. Во мојата предизборна Програма ветив дека ќе изградиме паркови во секоја населба во општината. Паркот “Иднина” е првиот парк кој го започнавме со изградба во првите седум недели од мандатот и еве, за седум месеци, го пуштаме во употреба. Втората причина за ваквото именување е што паркот е самоодржлив. Самоодржливоста како концепт е глобален тренд во борбата со огромните предизвици на полето на снабдувањето и потрошувачка на енергија и иднина која сите треба и мора да ја следиме-потенцираше градоначалникот Ѓорѓиевски.

Случувањата по повод роденденот на Општина Кисела Вода, кои се одвиваат под слоганот “67 ГОДИНИ МОЈА КИСЕЛА ВОДА”, продолжуваат и во наредните денови. Во рамки на истото, во среда, од 20 часот ќе започне и културното лето со забавна програма со голем број познати музички изведувачи.