December 2, 2022 10:47
Свет

Путин: Ќе се стабилизира состојбата во анектираните украински региони

Русија ќе ја стабилизира состојбата во четирите украински региони што неодамна беа анектирани, изјави денеска претседателот Владимир Путин. Дел од медиумите пишуваат дека со тоа, тој индиректно ги признал предизвиците на Русија за да ја задржи контролата.

Руските сили од петокот наваму претрпеа значајни загуби во два од четирите региони, кога Путин го потпиша нивното вклучување во Русија по референдумите, осудени од Украина и Западот како присилни и незаконски.

– Тргнуваме од фактот дека состојбата ќе се стабилизира, ќе можеме мирно да ги развиваме овие територии, истакна Путин.

Претходно, неговиот портпарол посочи дека четирите региони се соочуваат со интензивен процес на прилагодување и оти тоа ќе биде тешко.

Поради успешната офанзива на украинската армија, Русија веќе нема целосна контрола над ниту еден регион. Во два од четирите Москва сè уште ги нема дефинирано границите на територијата.

Зборувајќи на церемонијата за доделување награди на наставници, Путин додаде дека има голема почит за украинскиот народ.

– Секогаш, па дури и денес и покрај моменталната трагедија, силно го почитуваме украинскиот народ, украинската култура, јазикот, книжевноста…, наброја рускиот претседател.

Како што потсетуваат дел од медиумите, десетици илјади луѓе беа убиени, а милиони Украинци ги напуштија домовите и татковината, откако Путин го нареди почетокот на инвазијата на Украина на 24 февруари.