December 6, 2022 21:36
Свет

Путин: Еднаков статус за волонтерите во Украина и војниците

Рускиот претседател Владимир Путин, во денешното телевизиско обраќање до нацијата, објави дека дал инструкции за изедначување на правниот статус на доброволците во воената операција во Украина и борците во Донбас со руските војници.

„Веќе дадов инструкции до Владата и Министерството за одбрана во целост и во најкус можен рок да го дефинираат правниот статус на доброволците и борците на единиците на народните републики Доњецк и Луганск. Тој треба да биде еднаков на статусот на војник на редовната руска армија”, рече Путин.

„Само граѓаните кои моментално се во резерва, пред се оние со искуство, ќе бидат предмет на делумна мобилизација”, рече Путин денеска во телевизиско обраќање.

Договорите за служба во вооружените сили на Русија ќе важат до крајот на периодот на делумна мобилизација, се вели во декретот на рускиот претседател објавен денеска.

„Договорите за воениот рок склучени од војници остануваат во сила до крајот на периодот на делумна мобилизација, со исклучок на случаи на напуштање на воениот рок од причините утврдени со овој правилник”, се наведува во документот.

Во декретот на Путин, објавен денеска, се прецизира дека највисоките функционери во регионите на земјата ќе треба да обезбедат делумна мобилизација во рокот што за тој регион го одреди Министерството за одбрана.

Претседателот на Русија денеска објави делумна мобилизација во земјата со цел да се зголеми бројот на војници во воениот конфликт во Украина.

Во обраќањето што го пренесе руската телевизија Прва, Путин рече дека веќе го потпишал указот за делумна мобилизација, која ќе започне денеска.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу денеска изјави дека делумната мобилизација што ја најави рускиот претседател Владимир Путин се однесува на лица со воено искуство и најави дека ќе бидат повикани 300.000 резервисти.

Шојгу, обраќајќи и се на јавноста по Путин, рече дека оние што ќе бидат повикани ќе поминат воена обука пред да бидат распоредени.

Според него, „речиси целата сателитска мрежа на НАТО работи против Русија во Украина” и „Украина се повеќе користи западно оружје за да напаѓа цивили”.

Шојгу рече дека Западот и доставува оружје на Украина во огромни количини.

Тој тврди дека Русија изгубила 5.937 луѓе во „специјалната воена операција во Украина”, а Украина половина од армијата.