August 12, 2020 13:56
Македонија

Проштална средба на Димитров со турската амбасадорка,Тулин Еркал Кара

Министерот за надворешни работи Никола Димитров оствари проштална средба со амбасадорката на Република Турција во Република Северна Македонија, Н.Е. г-ѓа Тулин Еркал Кара.

Министерот Димитров изрази благодарност за заложбите на амбасадорката Еркал Кара во унапредувањето на билатералните односи и пријателството меѓу двете земји, посакувајќи и’ успех во следните професионални ангажмани и предизвици. Посебно беше нагласено задоволството што набргу Република Северна Македонија од природен, ќе стане и официјален сојузник на Република Турција во НАТО, со што двете држави ќе соработуваат заедно во засилувањето на безбедноста на нашиот регион, но и на цела Европа.

Амбасадорката Кара, реафирмирајќи ја силната поддршка којашто Турција и ја дава на Северна Македонија, изрази охрабрувачки пораки за претстојното финализирање на процесот на зачленување Северна Македонија во НАТО, како и за понатамошен напредок кон ЕУ. Воедно, изрази благодарност за одличната соработка и поддршка која и’ беше искажана од страна на македонските институции за време на нејзиниот мандат.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи кои бележат посебен подем во економијата, инвестициите, туризмот, културата, образованието, здравството и одбраната, како и за можностите за унапредување на соработката и во сите други области од заемен интерес.