February 2, 2023 01:55
Македонија

ПРОТЕРУВАЊЕ на БУГАРСКИ РАДИКАЛИ: „Македонија сама определува кој е добар гостин, чекор во вистинска насока“

Христијан Пендиков, секретарот на бугарското здружение „Цар Борис Трети“, кој беше претепан на 19 јануари во Охрид, деновиве е главна тема по медиумите, особено поради зголемените тензии меѓу Скопје и Софија, која ја обвини нашата земја за кршење на правата на припадниците на бугарското малцинство. Тензиите пораснаа до тој степен што дел од бугарските националисти и политичари се заканија дека ќе ги блокираат преговорите за пристапување на Северна Македонија во Европската унија, а самиот инцидент беше осуден од двете страни.

Во текот на вчерашниот ден се огласи и претседателот Стево Пендаровски после одржаниот Совет за безбедност. Тој побара од владата да им забрани на неколку бугарски државјани да влезат во земјата поради нивните постапки. Претседателот не сакаше да ги именува бугарските државјани, но по се изгледа станува збор за споменатиот бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски и претседателот на бугарската фондација „Македонија“, Виктор Стојанов.„Локално“ контактираше со дел од бугарските аналитичари во однос на последните превирања на релација Скопје-Софија. За последното барање на претседателот Пендаровски, велат дека Македонија е независна држава и може самата да одлучува кого сака да протерува од својата територија. Потпретседателот на Бугарско-македонскиот бизнис клуб Владимир Владимиров не гледа ништо страшно во најавите за протерување на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски и на неколку други лица – државјани на Бугарија поради дејствија што претходно ги преземале и сè уште ги преземаат против нашата држава.