December 5, 2022 21:08
Свет

Проруски власти: Крим под напад со беспилотни летала

Полуостровот Крим што е под руска контрола денеска е нападнат со беспилотни летала, а руските сили стационирани таму се во состојба на готовност, соопштија властите назначени од Русија.

„Се врши напад со дронови”, напиша на Телеграм Михаил Развожаев, гувернер на административната област Севастопол на Крим, назначен од Москва.

„Нашите противвоздушни сили дејствуваат…Соборени се два дрона”.

Според него, ниту една цивилна инфраструктура не е оштетена и ги повика жителите да останат смирени.

Руската Црноморска флота, со седиште во Севастопол, Крим, беше нападната на крајот на октомври од, како што рекоа властите, „масовен” напад со беспилотни летала. Поради тој напад, во кој беше оштетен најмалку еден руски брод, Москва накратко се повлече од договорот за извоз на жито од Украина.