December 1, 2020 06:52
Култура

Промовирана монографијата „30 години Театар за деца и младинци – Сон што трае”

По повод три децении од постоење на Театарот за деца и младинци, денеска пред Музејот на современа уметност беше промовирана монографијата „30 години Театар за деца и младинци – Сон што трае” во која е нотирано се што било важно за развојот на  Театарот.

Според авторот на монографијата Тодор Кузманов, во ова дело се прикажани повеќе жанрови, различни видови претстави и различни естетики.

-Во текот на неколку месеци заеднички со директорката, со режисерот и други луѓе од Театарот за деца и младинци вложивме сили и напори да излезе овој продукт вака како што изгледа. Во него е направен обид да се нотира се она што било важно во развојот на Театарот за деца. Во прашање се многу жанрови, различен тип претстави, различни естетики, во прашање се режисери од дома и од странство кои со себе носат свој багаж, свое искуство кое го пренесуваат главно на актерите, односно на ансамблот на театарот, рече Кузманов во свое обраќање на денешната промоција.

Кузманов изрази надеж дека и во иднина нема да престане љубопитството за откривање нови простори и за биење на битката Тетатрот да им доближи до најмладата публика и соодветно истата да биде едуцирана и израсната со сите благородни, хуманистички наслаги што ветуваат констурктивност во целиот живот.

Според рецензентот на монографијата, Ана Стојаноска, триесет години е една сериозна возраст.

За триесет години, како што рече, може да пораснете, да ги научите првите букви, да научите да составувате приказни, да се вљубите и да се одљубите, да создадете свои деца, да создадете еден свој свет.

-Во таа приказна на триесет години на Театарот за деца и младинци можевме да видиме каде се прикажани сите тие етапи, колку тоа да звучи кратко или долго, зависи како ќе ги создавате значи еден живот, и тоа живот на сите нас овде, без разлика дали се наоѓате на животот на сцената на Театарот за деца и младиници, на сцените на почеток, или на оваа сегашната, или тоа се наоѓа во срцето на сите нас кои пораснавме гледајќи ги тие претстави со кои го засакавме Театарот, рече Стојаноска во своето обраќање.

Додаде дека е многу тешка, но и лесна задача да се промовира една ваква книга. Како што појасни, во првите страници од монографијата се наоѓа прво воведниот збор на директорката, потоа доаѓа рецензија, а дури потоа почнува интересното.

-Од тие почетни зборови – историјатот на Театарот, што се случувало, како се случувало и како течел развој на Театарот, мене најинтересна ми е пораката на писателот Видое Подгорец, преку која имате можност да го почувствувате времето во кое се создавал тој Театар, посочи рецензентката.

За генерации кои ќе дојдат после нас и ќе го истражуваат Театарот за деца и младинци, таа вели дека оваа монографија е еден вреден историски доказ.

Директорката Катарина Илиевска – Силјановска денеска по повод промоција на книгата, рече дека истата е објавена благодарение и на Министерството за култура.

По промоцијата денеска беа доделени и плакети и благодарници на сите театарски работници кои со својот ангажман оставиле длабока трага во Театарот за деца и младинци.