December 15, 2019 04:40
Култура

Промовираната монографијата „Сведоштва од претседателскиот кабинет” од Дарко Костадиновски

„Сведоштва од претседателскиот кабинет: моќта на трпението” е насловот на публикацијата од авторот Дарко Костадиновски, која вечерва беше промовирана во Скопје, а која ги содржи неговите лични забелешки и воедно дава преглед на мноштвото предизвици со кои се соочуваше нашата држава и општество во временски период од 18 годин кои тој ги помина како советник во кабинетите на тројца македонски претседатели – Борис Трајковски, Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов.

Во присуство на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, на поранешната прва дама Вилма Трајковска, пратеници, судии, членови на дипломаткиот кор, пријатели и членовите на семејството, промотивна реч одржа францускиот амбасадор Кристиан Тимоние кој истакна дека станува збор за значаен труд, исполнет со историја, но и со верност и должност за дискреција како квалитет и доблест кои се чини дека денес се донекаде изгубени, а се основата на квалитетна дипломатија. Труд, кој, вели, ќе биде запаметен.

-Ти знаеше како да го почитуваш договореното и да не бидеш нападен, да се почувствува богатството на суштината во односите со претседателите, вреднувајќи ја нивната неуморна работа за постоењето на оваа млада земја за да биде ценета, реагирајќи со мудрост и решителност во околности кои биле решавачки. Ти беше љубопитен и мудар сведок на тие настани како Санчо Панса кон своите благородни Дон Кихоти. Но, исто така ти беше секогаш отворен и постојано добонамерен кон оние што беа само на поминување – амбасадорите, рече амбасадорот Тимоние, говорејќи од неговото лично, како што рече, пријателски искуство со Дарко.

Авторот Костадиновски, кој е актуелен уставен судија, на промоцијата изјави дека негова цел со оваа монографија е да остави и објективен, но и личен материјал, сведоштво за тројца македонски претседатели, пред се за себе, за семејството и неговите деца, но и за денешните и идните генерации.

-Сакав да оставам личен печат како сведок и актер во многу случувања. Многу работи во оваа монографија ќе добијат на вистинска вредност од одредена временска дистанца. Многу работи во оваа дело се значајни и денес. Зошто? Едноставно, предолг временски период гледав како ние едноставно не учиме, ниту од споствените, ниту од туѓите грешки. Место од секоја грешка, од секој предизвик ние да учиме и да излегуваме посилни, излегувавме послаби и поразединети. На сегашните генерации, особено важи за оние, кои се или сакаат да се занимаваат со политика, кои претендираат да бидат лидери, да преземат одговорност, сакам да им порачам – земете ја оваа монографија, прочитајте, не за да се продаде книгата, туку да ви служи како еден вид прирачник од кој може да извлечат поуки. Да научат никогаш да не губат, или да добиваат или да учат. Да научат нешто многу важно, моќтта на трпението, вели Костадиновски.

На промоцијата беа прочитани и поздрави писма по повод изданието од евроамбасадорот Самуел Жбогар, од италијанскиот амбасадор Карло Ромео и од Ровшан Мурадов, генералниот секретар на Меѓународниот центар „Низами Ганџави” кој го поддржа издавањето на оваа книга.

Мемоарско-монографскиот ракопис на Костадиновски е во издание на книгоиздателството „Култура”. Публикацијатата, збогатена со фотозаписи, е објавена на македонски и на англиски јазик.

Нови вести

Балетот го одбележува 70-годишниот јубилеј

Igor

Почина актерот од легендарниот филм „Кум“

zane

Професионалните театри со помалку претстави и посетители отколку аматерските

Igor