January 16, 2021 05:56
Хроника

Продолжува судењето за „Меѓународен сојуз”

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да продолжи судењето за незаконското финансирање на невладината организација „Меѓународен сојуз”, каде заедно со основачот Бојан Јовановски, обвинети се уште четири лица.

Случајот се наоѓа во доказна постапка, а на минатото рочиште беа изведувани материјални докази предложени од обвинителството.

Не е познато дали ќе присуствува првообвинетиот Бојан Јовановски, кој рече дека лекарите му препорачале по извршената хируршка интервенција да лежи еден месец. Тој на почетокот на минатото рочиште, побара изземање на судијката Софче Гаврилова Ефремовска, поради како што рече, пристрасност, бидејќи била дел од судечкиот совет на случајот „Рекет”. Судијката, рече дека, барањето ќе биде проследено до претседателот на Судот.

За случајот со невладината организација Меѓународен сојуз, основана од Бојан Јовановски-Боки 13, преку која според обвинението биле измамени бизнисмени за наводни центри за возрасни лица, обвинети се и Фросина Ременски, Миле Јовановски, таткото на Боки 13 и Јасна Мандиќ. Јовановски е обвинет за измама и перење пари. Ременски, како потпретседателка на невладината организација е обвинета за помагање во делото измама, Мандиќ за помагање во измамата и перењето пари, Миле Јовановски се терети за помагање во перењето пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје. Како правно лице обвинета е и невладината организација.