Македонија

Продолжува расправата за избор на нова влада, пратениците до полноќ треба да гласаат

Пратениците денеска напладне ќе ја продолжат 60-та седница со единствената точка на дневен ред – избор на новата влада. Мандатарот Димитар Ковачевски пред пратениците вчера ја презентираше програмата за работа на новата влада, која ќе брои 21 член. СДСМ и коалицијатата ќе имаат 12, ДУИ шест, а Алтернатива тројца министри.

Фокусот на новата влада, како што најави Ковачевски, е создавање поголем и одржлив раст на економијата во следните две и пол години. Тој во вчерашното експозе во Собранието најави удвојување на економскиот раст, и раст на БДП до 5 отсто.

Главен предизвик во економијата, како што рече, и натаму останува соочувањето со негативните ефекти од пандемијата и енергетската криза. Најави дека минималната плата ќе продолжи да расте што ќе придонесе за раст и на просечната плата.

Зголемување на пензиите ќе биде исто така една од првите одлуки на новата влада. Новата влада, како што посочи мандаторот, има план за соочување со економската и енергетската криза.

– Владата ќе спроведе стратегија која на краток, среден и долг рок ќе обезбеди сигурност со снабдувањето на енергенси и одржливост на енергетскиот систем. Фокусот на обновливите извори на енергија и ефикасното искористување на расположливите природни ресурси, како што се сонцето, ветерот и водата претставуваат основа на македонската енергетска револуција, рече Ковачевски.

Мандаторот Ковачевски во експозето порача и дека разговорите со Република Бугарија ќе продолжат и ќе се интензивираат, но никој не смее и нема да преговара за идентитетот на македонскиот народ.

На вчерашната седница од страна на пратениците од опозициските и владејачките партии можеа да се чујат потполно спротивставени ставови во врска со составот, програмата и политиките на новата влада.

Од опозицијата сметаат дека поединечните предлог-имиња во новата влада се само доказ дека СДСМ нема избор и иднина на која треба да и се верува и даде шанса. Според нив, новата влада ќе биде продолжување на претходната и нејзиниот неуспех.

Заеднички став на поголемиот дел од пратениците од опозицијата е дека оваа влада ќе биде влада со краток рок, која брзо ќе се соочи со своите аномалии и оти многу брзо ќе се оди на предвремени парламентарни избори.

– Поединечните предлог-имиња се само доказ дека СДСМ нема избор и иднина на која треба да и се верува и даде шанса. ДУИ, пак, и покрај зелената агенда, докажува дека не е подготовена за никакви промени. Убедена сум дека и самата ДУИ знае дека и тоа како треба да се менува, но и да ги менува ликовите со сомнителни документи за завршено образование, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска.

Опозицијата исто така побара одговорност за случајот со Ласкарци, за пожарите кои се случија летото, за судството, за обвинителството, за економија, за цените, платата, за Клиничката болница, за образованието, за незавршен пат Скопје – Охрид, за воздухот, за сите лаги, за јазикот, историја, и за се што е преговарано со соседите за нацијата.

За разлика од опозицијата, пратениците од власта сметаат дека новата влада ќе го задржи позитивниот курс на претходната Влада. За легитимитетот, нагласија, одлучија граѓаните на парламентарните избори во 2020 година, а дополнителен плус е зголемувањето на парламентарното мнозинство.

Пратеникот Арбер Адеми од ДУИ во своето обраќање во Собранието посочи дека се што досега ветиле, тоа и реализирале, и како што рече, кадрите на ДУИ имаат реализирано конкретни резултати кои не можат да се спорат.

Тој додаде дека во екот на пандемијата се сочуваа над 60 илјади работни места, се намали невработеноста, се зголеми извозот, а, како што рече, кадрите на ДУИ се достоинствени претставници кои имаат идеја и визија како државата да оди напред и како да се менаџира со кризите, како што е мигрантската криза, ковид пандемијата на најдобар начин.

Пратеникот Дарко Каевски од СДСМ смета дека граѓаните на предвремените парламентарни избори во 2020 година недвосмислено дале поддршка за владејачката коалиција да ја води државата.

-На тие избори СДСМ доби силна поддршка и мандат од легитимитетот граѓаните во наредните четири години да ги спроведе сите оние принципи и мерки за коишто се залагаше во предизборната кампања, а потоа беа преточени во владината програма – економски раст и развој, силно вложување во човечкиот фактор, силно вложување во човечкиот ресурс, зголемување на платите и пензиите, подобрување на условите и стандардот на граѓаните…, рече Каевски.

Пратеникот Елми Азири од Алијанса за Албанците во своето излагање напомена дека граѓаните чекаат подобрувања од Владата, чекаат видливи резултати. Но, според него, овој владин состав многу тешко ќе може да донесе резултати, бидејќи не размислуваат за резултатите.

Новиот владин кабинет ќе има еден член повеќе од претходниот – министер без ресор за дијаспора, место што и припадна на Алтернатива.

Од Владата си заминуваат осум досегашни членови, вклучувајќи го и премиерот Зоран Заев. Никола Димитров веќе нема да биде вицепремиер за европски прашања, Радмила Шекеринска заминува од Министерството за одбрана.Членови на Владата нема да бидат ни досегашниот министер за здравство Венко Филипче, министерката за образование и наука Мила Царовска, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и министерката за култура Ирена Стефоска.

На нивните места треба да дојдат досегашниот министер за правда Бојан Маричиќ (СДСМ) како вицепремиер за европски прашања, Славјанка Петровска (СДСМ) во Министерството за одбрана, Беким Сали од Алтернатива ќе раководи со Министерството за здравство, досегашниот министер за информатичко општество и администарција Јетон Шаќири (ДУИ) ќе го преземе Министерството за образование и наука, Јована Тренчевска (СДСМ) ќе раководи со Министерството за труд и социјална политика, а Бисера Костадиновска Стојчевска (СДСМ) го презема ресорот култура.

Адмирим Алити од Алтернатива ќе биде прв човек на МИОА, а Џемаил Чупи од оваа партија е предложен за министер без ресор задолжен за дијаспората.

Во новата влада на Ковачевски останува вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи (СДСМ), а ново име е Славица Грковска (СДСМ) која треба да биде вицепремиер за борба против коруција и криминал.

Со ресорот правда треба да раководи универзитетскиот професор Никола Тупанчевски (СДСМ). Во Министерството за внатрешни работи останува досегашниот министер Оливер Спасовски (СДСМ).

Функциите ги задржуваат и министрите за надворешни работи, за транспорт и врски, за финансии и за економија, Бујар Османи (ДУИ), Благој Бочварски (СДСМ), Фатмир Бесими (ДУИ) и Крешник Бектеши (ДУИ). Во Министерството за локална самоуправа останува и понатаму Горан Милевски (ЛДП/коалиција на СДСМ), а нема промени и во Министерството за животна средина и просторно планирање каде останува досегашниот министер Насер Нуредини (ДУИ).

Со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и понатаму ќе раководи Артан Груби (ДУИ). Во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се враќа Љупчо Николовски (СДСМ).

Собраниската расправа за избор на нова влада трае најмногу два дена, а за изборот на владиниот состав се гласа по нејзиното завршување, односно најдоцна до 24 часот вториот ден или во случајов во недела до полноќ. Владата е избрана ако за неа гласаат мнозинството од вкупниот број пратеници во Собранието.

AnimeFreak - Watch Anime Online for Free. Subbed & Dubbed. AnimeFreak #1 Site to watch thousands of dubbed and subbed anime episodes including Dragon Ball Super, Attack on Titan, Naruto Shippuden, One Piece

AnimeFreak Naruto (Uncropped) (Dub) Episode 218

AnimeFreak Redo of Healer

Naruto Episode 215

english anime Demon Slayer -Kimetsu no Yaiba- The Movie: Mugen Train

AnimeFreak Black Clover (Dub)