December 9, 2022 14:16
Македонија

Продолжува комисиската расправа за состојбата во енергетика, Владата одобри средства за непречено снабдување со топлинска енергија на Скопје

Владата на вчерашната седница донесе одлука за одобрување 1,1 милијарда денари на АД „Електрани на Северна Македонија” (ЕСМ) за набавка на енергенси, ликвидно работење и континуирано снабдување со топлинската енергија на потрошувачите на Град Скопје во текот на претстојната грејна сезона.

Владата уверува дека има многу јасен план за справување со енергетската криза, преку ставање во функција на сите енергетски капацитети – оспособување на Блок 3 во РЕК Битола и ставање во функција на ТЕЦ Осломеј. Од вчера во функција е ставен првиот котел на ТЕЦ Неготино, со производство на електрична енергија со моќност од 60 мегавати, а тимови на експерти веќе работат на пуштање и на вториот котел.

Во меѓу време, денеска, шести ден, ќе продолжи дебатата во собраниската Комисија за одбрана и безбедност за предлог-одлуките за продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на целата територија на државата, заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија, како и за постоење на кризна состојба на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија.

По завршувањето на расправата во матичната собраниска Комисија, пратениците на пленарна седница ќе треба да гласаат за продолжување за уште половина година на кризната состојба во енергетиката, што е во сила со одлука на Владата од 1 септември.

Според премиерот Димитар Ковачевски, постојано се разговара за најсоодветно снабдување со енергија со повеќе земји, меѓу кои и со Србија, Бугарија и Турција.

–  Со Србија имаме разговори кои веќе ги водиме. Со Бугарија имаме разговори, но таму е малку посложена ситуацијата, бидејќи во моментов нема Парламент, а нивното законодавство е прилично ограничено во однос на продавање вишоци на електрична енергија со директни договори и тоа мора да го прават преку берза. Со Турција, исто така, сметам дека сме на добар пат да обезбедиме пат за енергија, изјави вчера Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања.

За финансирањето на активностите за справување со енергетската криза веќе е обезбедена финансиска конструкција со билатерални кредитори, а во скоро време премиерот очекува да завршат и преговорите со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Се разговара и со некои финансиски побогати држави од Блискиот Исток. За обезбедување ликвидни финансиски средства за ЕСМ е обезбеден кредит од ЕБОР, а премиерот и вчера упати апел до пратениците од опозицијата, како што рече, што побрзо и без никакви уцени, да се одобри.

Во однос на парното греење во Скопје, Ковачевски упати дека има два дела – затоплување на градот од нов оператор, за што ЕСМ веќе има добиено лиценци и второ, обезбедување гас за работа на ТЕ-ТО.

–  Тоа се разговара на повеќе нивоа и со повеќе држави, со оглед на енормно високите цени на природниот гас, заради војната во Украина. Штом ќе бидат договорени и изнајдени најсоодветните извори на снабдување на гас, ќе бидат информирани и граѓаните, изјави вчера Ковачевски.

Доверителските односи меѓу ЕСМ, БЕГ или друг провајдер на услуги, според премиерот, ќе бидат решени согласно Законот за трговски друштва и облигациски односи.

Порака до граѓаните да бидат спокојни и оти ќе има топлинска енергија вчера повторно упати и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, според кого, веќе е обезбеден и гас.

– ЕСМ и „Адора” влегуваат во преговори кои мора да се согласно сите законски прописи и процедури. Се што е возможно ќе се направи. Ние велиме дека топлинска енергија за граѓаните секако ќе има и тие треба да бидат спокојни. Да, обезбеден е и гас. Кој е изворот е најмалку важно, важно е да има гас, рече Битиќи, одговарајќи на новинарски прашања.

Во однос на ставот на БЕГ, кој ја изгуби лиценцата за топлинска енергија, дека нема обврска да испорачува парно греење во новата грејна сезона, Битиќи рече дека Одлуката на РКЕ и членот три е јасен и дециден, како и дека е дојдено време „да читаат и да толкуваат тие што треба тоа го знаат”.

– Граѓаните само треба малку повеќе да веруваат. Како што во јануари обезбедивме топлинска енергија кога бевме оставени на цедило, така и сега топлинска енергија за граѓаните на Скопје ќе има. Независно дали е ЕСМ или БЕГ, граѓаните ќе добијат топлинска енергија. Бидејќи од однесување на приватниот партнер не сум задоволен, би сакал тоа да го направи ЕСМ, истакна вицепремиерот и уште еднаш порача дека од законот никој не може да се огради.

Во меѓувреме, министерот за економија Крешник Бектеши, осврнувајќи се на владините мерки за енергетската криза, најави дека угостителите и хотелиерите ќе добијат поддршка, а рудниците, казината, банките и сличните такви дејности нема да бидат поддржани.

Бектеши повтори дека ќе им се помогне и на најранливите категории граѓани, а ќе се донесат и соодветни мерки во делот на замрзнувањето на цените и на маржите.

И вицепремиерот Битиќи потврди дека бизнисот ќе биде помогнат директно, но само оние сектори кои навистина имаат потреба од тоа.

– Сум кажал дека поддршка од Владата ќе добиваат оние стопанственици кои покажуваат дека навистина штедат и оние кои навистина имаат потреба од поддршка. Не верувам дека имаат потреба од поддршка некои компании кои лани имале профит од над 30 милион евра, кои имаат минерални суровини и кои користат јавни добра од сите граѓани. Тие податоци ги имаме и мерките се прават, изјави Битиќи.

Тој информираше дека одредени хотели и угостителски објекти се на регулираниот пазар и имаат загарантирана цена на струјата до 31 декември, а за оние што се на слободниот пазар Владата до крајот на оваа недела ќе излезе со конкретни предлози за да ги намалат трошоците за електричната енергија.

И ресорните министри во областите труд и социјална политика и здравство тврдат дека во овие ресори ќе нема проблеми со недостиг на електрична енергија.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска е децидна дека греење во градинките ќе има.

– Не треба да се плашат ниту родителите, ниту општините дека може да се доведе во случај да нема парно во градинките. Парно ќе има и за граѓаните и за градинките, бидејќи Владата е одговорна, се грижиме за граѓаните и ја менаџираме енергетската криза, изјави Тренчевска.

Како што посочи, градинките не се на индустриска струја, па со тоа, како што истакна, немаат големи сметки, а голем дел од нив се енергетски ефикасни, со што заштедуваат електрична енергија.