December 10, 2022 07:41
Македонија

Продолжи комисиската расправа за завршната сметка на Буџетот за 2021 година

Обвинувања за капацитетите на власта за менаџирање на  енергетската и економската криза и за ефектите од мерките од почетокот на ковид пандемијата, како и за слаба реализација на Буџетот, упатија пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на денешното продолжение на расправата во матичната собраниска Комисија за Предлог – завршната сметка на Буџетот за 2021 година. Членовите на Комисијата за финансирање и буџет од власта, пак, ги отфрлија обвинувањата и меѓу останатото побараа одговорност и конкретни мерки во справувањето со кризата  и од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ.

-Граѓаните се во страв и неизвесност до каде се со она што го ветивте, дали ќе има храна и електрична енергија и по која цена, ќе има ли рецесија. Доаѓаме до инфлаторна рецесија, најлошата економска состојба. Час поскоро да се излезе со мерки што навистина ќе помогнат за стопанството, рече Зоранчо Јованчев од ВМРО-ДПМНЕ.

Неговиот колега Игор Здравсковски оцени дека „се случува колапс на економијата и дека спроведуваат безнадежни и безидејни решенија за привремен спас на Владата”.

-Со ваков однос на Владата ќе биде многу тешко да се преживее и наредната година бидејќи ние според овие бројки и извештаи се немаме опоравено од ковид кризата, рече Здравковски, повикувајќи ги пратениците од власта да се одважат и да ги прифатат предлозите на опозицијата за носење на клучните решенија во наредниот период.

Коментирајќи  ја завршната сметка за 2021 година, рече дека намалувањето на невработеноста се должи на иселувањето од државата, а зголемените приходи од наплатата на даноците на инфлацијата. Меѓу останатото забележа дека бројките од завршната сметка ја потврдиле слабата реализација на капиталните инвестиции,  но и зголемувањето на наплатата од казни.

Реплицирајќи, пратеничката од СДСМ Даниела Маркоска, пак, посочи дека следи тешка година и ги повика опозициските пратеници да не ги блокираат важните закони за да справиме со тековните кризни состојби.

-Тешки одлуки треба да носат и Владата и министрите, но и градоначалниците што доаѓаат од вашите редови. Нивна задача не е само да седат во фотелјите и да вработуават, а од друга страна да кажуваат дека имаат високи сметки за струја, туку да работат, да соработуваат и со бизнис секторот, како и да направат некои мерки за да ги заштитат граѓаните, да намалат некои нивни приходи, како што се данок на имот, паркинзи. Да си работат со план, да си стават фотоволатици на институциите во општините со што ќе заштедат енергија. Кога ќе работат плански и систематски ќе имаат многу висок степен на реализација ќе работат добро и нема постојано да бараат помош од државата, рече Маркоска.

Според Маркоска, неосновани се тврдењата дека Владата е неспособна за реализација на Буџетот, за што бројките во нагорна линија и тој добро се проектира, а падот на стапката на невработеност не се должи на иселувањето, туку на владините мерки за вработување.

Во Предлог-завршната сметка е наведено дека во 2021 година бруто-домашниот производ забележа раст од 4 проценти на реална основа, што е во рамки на предвидувањата. По падот од 1,8 проценти во првото тримесечје, економската активност забележа висок раст од 13,4 проценти во второто тримесечје, проследен со раст од 3 проценти и 2,3 проценти во третото и четвртото тримесечје, соодветно.

-Растот на домашната економија во 2021 година е одраз на подобрената епидемиолошка состојба и мобилност, поповолното меѓународно опкружување, помалата воздржаност за потрошувачка и владините мерки за поддршка на економијата, рече заменик министерот за финансии Филип Николовски на првиот ден од расправата.